Sep 25

Најдобриот професор на светот се врткаше вознемирен, пребарувајќи ги теренските белешки. Му фалеа инвентарните броеви од цел еден слој, токму оној кој ја определуваше староста на наодите. Но се беше педантно нумерирано. И бронзени белегзии за надлактиците интересно извиени во спирали, и богато украсените фибули кои биле дел од накитот и служеле за прицврстување на облеката, па дури и иглите, кои имале двојна намена, функционална и украсна. А монетите беа подредени по векови, периоди и владетели. Всушност сите наоди беа тука. Дури и железната згура и отпадоците од олово кои зборуваа дека главната стопанска дејност на ова гратче било рударството. Ни објаснија дека треба да се движиме право и на првиот свијок кон десно, а потоа повторно надесно. До раскрсницата стигнавме во моментот кога миљоказот го товараа како материјал за црквата. Сите три града на реката биле бележани, а сепак не знаевме каде се наоѓаме и никогаш не дознавме кој од трите беше оној забранетиот!

Jan 12

Се засолнив под стреата
меѓу столбовите здивот ми се заледи
од мермерот, а ветрот
немирот го крадеше
додека поривот думата ја вардеше

Те замислив покрај водата
каде морето земјата ја бакнува
со завет од три печати на тишина
мислата вековна ја следеше
судбината се раѓаше
ти се издигнa
четвртиот печат остана

кај морето, кај карпата, кај странецот …

Dec 25

Пијам вранец, веројатно една од најважните вински сорти во Македонија. Полната чаша има светлопурпурни нијанси и мирис на мармалад од јагоди, чајно дрво и некои други бобинки. Во позадината ја чувствувам содржината на танини, која го поддржува чувството на свежина. Виното во чашата созраева и полека бојата ја менува. Од светлопурпурна во боја на рубин, додека мирисот станува покомплексен па дозволува да вклучам тонови на чоколада и ликер кои вкусот во устата го омекнуваат, и го прават финишот помек и подолготраен.

Подарокот од Бахус за сите нас. На здравје :)

The wine-cup is the little silver well,
Where truth, if truth there be, doth dwell.
William Shakespeare