Apr 22

Во овој пост немам намера да се бавам со некои подлабоки ликовни критики, туку само да пренесам дел од она кое што јас го доживеав пред скоро 10-ина години. Годината господова 1997-ма Солун беше европски град на културата. Помеѓу илјадниците различни еклектични настани на кои имав можност да присуствувам или да ги видам (изложбите на Микелаџело Буонароти, Франциско Гоја, Рубенс, концертот на U2 итн.) би издвоила две кои ми останаа при срце. И коцепциски и емотивно.

Едната беше изложбата од Света Гора, во Музејот на Византиската Цивилизација кој за јавноста беше официјално отворен само три години пред тоа. Таму можеше да се види богатството во творештвото и рачната работа на монасите во православните манастири од Светиот полуостров Атос, кое за прв пат во историјата беше изложено пред публика. (можеби за ова понатаму ќе напишам пост)

М. Караваџо - Повикување на Св. Матеј (1599-1600), масло на платно

Втората беше изложбата на Микелаџело Караваџо, големиот италијански сликар. Самата експозиција беше поставена во една од галериите на кралската палата, која лоцирана покрај морето во објект што делумно виси над литицата, имаше посебен шарм. Концепција на самата изложба имаше движење спротивно од саатот. Беа опфатени платна од самиот сликар и некои од неговите ученици, а делата беа позајмени од големите светски музеи. Би сакала да потенцирам дека во средишниот хол се наоѓаше столб на кој беше поставен компјутер каде на интернет можеа да се пребаруваат информациите за неговиот живот и сликарство, што е моменат вреден за пофалба оти интернетот во тоа време не беше нешто баш во масовна употреба. Но она кое на мене остави впечаток ниту е нешто ново, ниту пак нешто што е непознато. Но сосема поинаку изгледа кога ќе го видите и доживеете во живо.

Тоа беше една соба во која неколку слики од Караваџо беа детално обработени со помош на ренгентски зраци и на фолите точно можеше да се следи како тие настануваат со сите пропратни грешки, додатоци и преправки кои тој ги правел додека го создавал тоа дело. Значи самиот процес како настанува една слика почнувајќи од контурите на луѓето, како им нанесува коски, мускулатура, па кожа, облека и на крај украси на неа и гримаси на лицата. Едноставно неодоливо и совршено.