Sep 30

Се што имав во животот
го љубев еднаш,
а се што љубев,
го изгубив двапати.

Секој дел од мене
беше дел од нештата
Нештата беа мал дел
од светот
А светот…
A светот
го имав јас во својата дланка.

Sep 29

И покрај фактот што никаде не се споменува дека Македонија е придружна членка на манифестацијата Европски денови на културата, таа ,,традиционално” се одбележува и кај нас. Хм!?…

Секоја година од август до ноември во Европа се оддржуваат Денови на културата. Оваа година тие се отворија на 21 Септември во Санкт Петерсбург за време на церемонијата во музејот Ермитаж.

Се работи за годишна манифестација пропратена со голем број на културни настани кои на посетителите освен перформанси, изложби, представи и сл., им овозможува и посета на згради, споменици и локалитети, кои во нормални услови не се достапни за публиката.

European Heritage Days започната во 1994 год. е само надоврзување на Англиските Heritage Open Days. Во себе има инкорпорирано 48 членки, од кои последната е (сега ex) Србија и Црна Гора. Имав шанса токму во ова време минатата година да бидам во Белград, и можам да кажам дека Србите сериозно си ја сватија работата околу својата ,,Културна баштина“.

Е сега…секој би рекол дека треба да се искористат овие Европски денови на културата за сопствена самопромоција, бидејќи тоа е начин да го споделиме и да му покажеме на светот она што го имаме. И наместо да организираат интересни активноти со што би се анимирале граѓаните да се вклучат и да го запознаат своето културно и природно богатство, да се направи дел од програмата да биде достапна за инвалиди (како што е случај со моменталната тактилна изложба во Музеј на Македонија), од Министерството за култура се понадеваа дека ќе поминат ,,незабележанo” само со 2-3 изложби и мал серијал на документарци. Ова е за резил. Дали мислат можеби дека сме ние ,,слепи” патници за Европа? Случајна и премала нација за да биде забележана?

Во една прилика кажав, и стојам зад тоа:

Вистинскиот клуч за старите култури го носиме во себе. Треба да го дадеме како сведоштво, за да остави печат на времето.Нашето културно сведоштво е како прекрасна бајка која треба да биде раскажана секому. И на сите тие стории треба веќе еднашка да се навикнеме како на своја облека.

Sep 24

Однос #1

Мрежен маркетинг

Блогот и блогерајот би биле совршено место за мрежен маркетинг. Исполнуваат само еден услов, но можеби тој е и најважниот. Копирање со помош на дупликација по пат на репликација. Совршена рефлексија огледало-огледало. Не ми треба повеќе CTRL + S. На блогерај…и твој збор да е..тешко дека некаде ќе се загуби.

Заклучок # А/313-65.908

,, Ако нешто пропуштам, има кај да видам што сум сакала да напишам.”  :) )))))))

Однос#2

Совет

Постојано си поставуваме прашања, а си даваме и одговори на истите. Во голем број случаи одговорите на прашањата кои си ги поставуваме, ги знаеме. Е сега кога некој од блогерите ќе ви постави во постот прашање на кое треба да се изјасните, всушност го знае одговорот. Во вашите коментари само бара потврда за него…

Заклучок # PC23/S217.95

,,Кога некој ти бара совет знај дека го има решението, а во твоите зборови бара само потврда за она што веке го одлучил.”

Однос#3

Коментарите

Тука е проблемот. Искренота слободно може да се стави на кантар и да се вага. Овдека никој не ги согледува работите објективно. Сите тргнуваат со идеја дека интернетот е нивни и можат да прават што сакаат. Што значи, ако ми е мерак, ќе се понашам како пред маало.

Заклучок број #78.78,36

Фала Ref,  изворот ке остане анонимен:

,,Луѓето немаат баш чувство за ,,простор” кога се наоѓаат на интернет и затоа си прават филм дека го поседуваат. ”

Очигледно е дека има потреба од вакви јавни изјави.