May 03

Кога пишував некои работи околу мојата фамилија во еден предходен пост, напоменав дека не секогаш фамилијата има врска со кодот. Дека тоа понекогаш е и љубовта? Но кога ќе се спојат едното и другото…

Мојот дедо од таткова страна беше многу скромен човек. Поточно братот на мојот дедо по професија беше столар. Тоа го работеше и така заработуваше за себе и својата фамилија. Меѓу другото од местото каде што имаше дојдено во Македонија покрај вештите раце во обликувањето на дрвото, со себе го понесе и околу петстотините песни кои ги знаеше. Ги свиреше на гајда, на кавал, на мандолина…

Оригинален омот на плочата Старо Кукушко оро – издание на PGP RTB

Јас бев дете. За да не натера да ги слушаме изворните народни македонски песни, тој ни правеше специјално за нас столчињата со необични облици. Ние седевме на нив, а тој со уживање ни свиреше со саати. Мојот дедо кој со љубов и трпение ни ги свиреше песните во интимата на неговата мала куќарка во населбата Лисиче, смогна сили да го сподели тоа со светот. Ги направи Чалгиите на тогашната МРТВ каде на оригиналните плочи од PGP RTB, стои следниов текст на етномузикологот Боривоје Џимревски од Институтот за фолклор – Скопје:

Чалгиската народна музика, односно ора не се знае точно кога настанале, но најмногу се играле помеѓу двете светски војни од македонското население во Егејска Македонија. Благодарностa што и ден денска оваа музика живее, му ја должиме на даровитиот и пасиониран народен играорец Аристид Филактов, од с. Ајватово, Солунско, кој по народност е македонец, а денес живее во Скопје.

Во меморијата на овој талентиран играорец останале многу ора од поширокото и од потесното подрачје на некогашниот Солун. Аристид Филактов на еден оригинален начин ги предава ората што тој уште од своите млади години ги носи и се уште живее со нив. Како импровизатор на споменатите ора се појавува кларинетистот Тале Огненовски кој со еден индивидуален народен стил импровизира, и на тој начин звучно ги збогатува ората.

Почина кога бев мала, на моја 12 годишна возраст. Мојот дедо кој се викаше Аристид Филактов се обидуваше да ни го пренесе на мене и на брат ми наследството кое вткаено во кодот на македонскиот народ провејуваше со стотици години. Тогаш можеби не го сватив бремето кое требаше да се понесе. Но од крв очигледно не се бега. Јас станав археолог, а мојот брат етнолог. Чинам дека и двајцата гордо го понесовме фамилијарниот товар.


Додаток:

За потребите на овој пост, на Википедија го поставив текстот за Чалгија. На MP3 player-от аплоудував неколку песни од CD-то ,,Антологија на македонската чалгија” во издание на Венко Серафимов, бидејќи се уште во процес на префрлување во mp3 формат ми се сите плочи со чалгии кои ги поседувам дома. Еден дел набрзо ќе се најдат и на сајтов. Барем толку му должам на мојот дедо.