Jul 30

Старите мудреци велат дека сите работи во природата одат во пар. Така се на овој свет има лице и опачина, сеедно дали се работи за некој предмет, како таписерија, или за одредена персона.

Но не се само луѓето дволични, туку и природата. Колку често се случува додека врне да огрее сонце. Дали е сонцето дволично? Во исто време може да те згрее, но и да те изгори. Знае да ги покаже сите модрици и лузни кои се создале за една година. Некои се минливи, некои се видливи и безболни, а некои се невидливи но ги носиме доживотно.

Но понекогаш сум навистина пријатно изненадена дека минливите вообичаени дејствија кои секој ден се повторуваат, најбргу се забораваат. А од друга страна она неповторливото никогаш не се заборава. А дали неповторливото е оригинално? Веројатно дека е, бидејќи никогаш понатаму не може да се сретне и доживее во истиот облик, форма или емоција. Или можеби ако потсвесно намерно го заборавиме, за да можеме да му дозволиме повторно да ни се случи. И што потоа… ништо… одиме уште еднашка од почеток…

Jul 19

Tamara de Lempicka

Дарја го врткаше бастумот во раката. Се сети на денот кога го купи во една мала продавничка во стариот дел од градот. Во Синиот кварт, во улицата на липите. Сега стоеше пред истата антикварница чекајќи го странецот. Најинтересното тој ден не беше бастумот, туку сликата. Си спомна дека со пријателите еднаш се фотографираа наоколу, застанаа пред дуќанот, штракнаа неколку пози и заминаа. Кога го разви филмот, на сликата беше продавницата, но нив ги немаше. Дарја беше убедена дека тука стоеја додека се сликаа, но друштвото овој детал го прифати како шега.

Сега во истата уличка се имаше договорено да се најдат со странецот. Не знаеше ништо за него. Во препораката велии дека целта му е да го задржи имотот по секоја цена. Не знае зошто ја препорачаа кога таа не е ниту правник, ниту адвокат. Цел живот се занимава со чистење, конзервација и укоричување книги. Занает кој го наследи од својата баба, а таа од баба и, и таа од…

Дарја своите клиенти никогаш не ги носеше дома. Но овој пат се сепна од сопствените зборови: „Дали сакате да дојдете кај мене на ручек?”

*** ** ***

Дарја ја сакаше белата боја. Во нејзиниот стан сé беше во бели нијанси. Се почуди на себе си кога стави милје на секое од столчињата, на аглите од масата баклава, а во средината риба. Не паметеше дека баба и имаше таков обичај, а од неа научи за сите адети.

На малото масиче забележа кали. Помисли дека странецот ги беше донел додека таа го спремаше ручекот. Слушна дека излезе, но не го сети кога се врати. Се занесе со ручекот. Се сеќаваше дека баба и сакаше кали. Постојано ги купуваше, ги негуваше и постојано велеше дека на живи секогаш се подарува непарен број.

Ги преброја. На масичето имаше шест кали. И една илзитена фотографија. Од фотографијата ја гледаше еден стар, исцрпен, изнемоштен лик. Ликот на нејзината баба. Стоеше пред истата антикварница каде што таа го купи бастумот. Заедно со нејзините пријатели.

Tamara de Lempicka

Овој текст беше поставен на Кајмак.от од страна на корисникот strumjan. За статијата можете да гласате тука.

Jul 16

Бев на пиво фест.
И на Бира блог парти 2.
Си пројдов супер.
Се дружев, си пиев,
се шетав и уживав.
Мислев да не пишам,
но ете кажав.

Се сликав со Флебур.
Спиев со Гершанина.
Пиев утринско со Вклучи_ме.
Кој сакаше – дојде.
Kој не,
негов проблем.
За сите останати
задоволство ми е
што ги запознав.

Не кажувам ништо повеќе.
Право на личен избор.