Nov 30

Завршија Ноќите на Радио Равел и пријателите во Мала Станица, посветени на нивната прерано почината ,,газдарица” Радица Величковиќ. Со еден мултимедијален пристап преку проекции, промоции, перформанси, концерти, нивното мобилно студио поставено на катот во Арт кафето успеа со многу музика, дружење и забава, да ми ги разведри овие ладни ноемвриски ноќи.

Радио Равел е единственото радио кое после култната 103ка успеа сите овие години да ми го задржи вниманието, иако паралелно ги слушам и Лајф и Џез FM. Прочитав еден коментар со кој целосно се сложувам – дека е тоа радио со многу квалитетна музика и добар избор на емисии. Јас ќе додадам уште и потковани музички водители умерени во своите ставови, и шарманти во своите изјави. Никогаш до сега ги немав видено водителите на Равел (освен Влатко Галевски) и ме изненади фактот дека се тие релативно млада екипа. Би рекла просекот им е околу триесеттина години.

Бев на втората и на четвртата вечер. На втората свиреше генијалниот Тони Китановски со неговите пријатели, за чии впечатоци ќе напишам можеби понатаму. Но она кое остави лузна во мојата меморија е всушност четвртата вечер кога на едно место се собра се она што сум слушала и сакала од клинка. Израснав со тие луѓе и нивната музика. Со многу добра организација и без пауза меѓу групите, си ги видов сите свои тинејџерски идоли. Горан Таневски го правеше интервју со Љупчо Јолевски за во етер буквално пред мене промовирајќи го новиот видео запис на Мизар. Спотот кој е правен за германскиот пазар треба да оди со најава дека е за ,,луѓе со јак стомак”. Богами Рамштајн можат ,,вода да им носат”.

Но веројатно кулминација на вечерта беше спонтаната свирка на Бадминтонс по повод 25 години од нивното постоење. Долго ги знам членовите на Бадминтонс, но за прв пат во живо слушнав некои песни бидејќи не сум ја имала таа шанса досега. Она што хронолошки се случуваше можете накратко да го прочитате на блогот на Voodo Lounge, со дополнување дека цело време додека траеше настанот во позадина на видео бим, како некој вид на перформанс, одеа секвенци од разни домашни филмови како Превртено, Собирот на шаманите сл. кои одлично се вклопија во целата концепција.

Голема благодарност до радио Равел. Успејаа за само неколку саати да ми го свртат со помош на музиката како флеш бек целиот мој музички свет. Мојот мал музички свет. И ветија дека ќе го повторат тоа во иднина. Барем два пати годишно.


In memoriam – Радица Величковиќ

За мене една од најубавите емисии е токму онаа која ја водеше Радица Величковиќ насловена како ,,Време На Вино и Сеќавања”. Топла, мистична и храбра жена, која честопати ме инспирирала за некои писанија, од кои една е оваа песна подолу.

Време како време
наталожено
испреплетено
време на симулација
за вино
и за сеќавања

те галат
разгалуваат
рамнодушен не те
оставаат
* * *

божествен пијалок
инспирација на уметниците
една капка
една голтка
зборуваат повеќе
од илјада зборови
интерпункциски знаци
и толкувања

и…

И тука ставам крај на песната … или можеби почеток за некоја нова строфа, нова песна, за во некое поинакво идно време наталожено со сеќавања понесени од сегашноста.

Cheers за сите мои пријатели :)

Nov 28

О човеку
ти со своите израслинки
како плускавци
и раце немоќни
да се поместиш
на друго место свет да
создадеш
да се у(с)покоиш

***
во земјата

***
да се закорениш.

Позајми ми
само една копија
за репродукција
каде на лицето
напишано
на опачината пресликано
од двете страни ме фланкираат
факелите на животот.

Nov 25

Постои една приказна сврзана за големиот склуптор Микеланџело. Кога тој се спремал да го исклеса големиот ,,Давид”, многу време поминал барајќи мермер кој му одговара. Тој бил свесен дека квалитетите на сировиот материјал ќе ја одредат однапред убавината на неговото дело. Кога го запрашале зошто го прави тоа, одговорил: ,,Знам дека можам да го сменам обликот на каменот, но не можам и неговиот состав”. Затоа секое од неговите дела е ремек-дело и е единствено. Но и да сакал, веројатно дека нема да можел да најде две идентични парчиња на мермер. Дури и да сечел блокови во ист каменолом, пак не би биле еднакви. Слични, можеби да, но не и исти. Така е и со луѓето. Сите ние сме слични, но не и идентични. Она што е вредно се наоѓа одвнатре. Закопано под сите обвивки и маски и чека да биде откриено.

 

 

Од каде да започнaм? Колкумина од вас го имаат комплексот на Микеланџело? Колку пати ви се случило да гледате на другите луѓе како на сиров материјал спремен за обработка со помош на вашите вешти раце? Колку пати сте помислиле дека можете да преобликувате и смените некоја личност, само ако таа би ги слушала вашите мудри совети? Кога би постоела можност, јас би била прва која би почнала да ги преобликува луѓето.

Денеска со модерните техники можат да се репродуцираат верни копии на познатите уметници, па така можете било каде, во секое време и во секоја подобро снабдена антикварница да најдете неброени фигури од ,,Давид”, репродукции на познати слики и копии од Клеопатра. Имитации има многу, но оригиналот – е еден. Така е и со нашата личност и нејзините вредности. Секој од нас е единствен и за тоа можеме да му заблагодариме на универзумот. Или на мама и на тато. Whatever. Зошто да не би било така, и ние нема да сме постоеле. Без обзир на тоа какви сме, ќе се сложите дека од секој карактер можеме по нешто и да научиме. Дури и глупавиот има своја прикаска.