Nov 23

Вчера бев на промоција на една книга. Блог-книга или книга-блог. Како милувате. Не ме покани никој посебно. Се поканив самата себе си. Да не кажам, се почестив со присуството на некои духовни ентитети, мелем за душата, виножито за очите и хармонија за сите останати сетила. Одамна не ми било така убаво.

Причината беше што една Продавница на тајни решила својот излог да го направи достапен за пошироката публика, дозволувајќи на тој начин секој да погледне во него и да си најде по едно парче од својата душа. Му благодарам на Никола Костески кој без да знае, ми го овозможи тоа задоволство. Им благодарам и на сите пријатели и блогери кои дојдоа по една маглива и ладна вечер само за да бидат дел од една промоција, прва од оваков вид во Македонија. И што ми ја направија вечерта незаборавна.

Имено, се работи за тоа што господинот Никола Костески, сопственик на издавачката куќа Ѓурѓа, посоветуван од своите помлади помошници, решил пред повеќе од една година да си отвори блог на кои ќе ги презентира своите книги. Така оваа интернет продавница од ден на ден ги издаваше своите тајни на читателите гладни за убавиот збор. Морам да бидам искрена и да кажам дека не многу често го посетував овој блог, но одвреме навреме ќе навратев тамам да не подзаборавам на тоа дека, оти многу сакам математички операции, се запишав на Филозофски. :)))

Самата промоција започна со читање на некои постови од страна на глумецот Славко Нинов. Интересно звучи она кое е напишано на интеренет или искоментирано од некој блогер, да се чуе преточено во перформансот на некој актер. Потоа настапи официјалниот промотер на книгата ,,Машко писмо” – Ивица Боцевски, сегашан потпарол на Владата на Р. Македонија, и активен блогер пред да ја превземе оваа функција. Господинот Боцевски најљубезно се извини за своето ситно доцнење од скоро еден час, тамам да ни го долови духот на Владата за која работи моментално. Во позадина домаќините Ѓурѓа и или-Или се потрудија пак да ни угодат со пријатна џез музика, мезе и пијалок.

Зорив, Виолетова, Волан, Ивица Боцевски, Кукбук, Оксиморон, Плачка, Глимпс, Силентлуфт, Комуникации, Баждарџијата, Страјкинг Бјути, Хула Хопа, Милозвучна солза, Ѕверот, Џам, Кими, Леонова, Продавница на тајни, Гершанина, Мина, Лимонче, Кликер, Намерникот, Вуду …

Всушност, МАШКО ПИСМО е збирка од дваесетина текстови објавени на блогот ПРОДАВНИЦА НА ТАЈНИ, проследени со избор од коментарите што читателите, вообичаено, ги оставаат под текстот. Имавме можност да го купиме овој блог по промотивна цена со инвентивен авторски потпис, посебно посветен на секој од нас блог-пријателите. Inbetween можеа да се видат многу личност меѓу кои и мојот колега Паско Кузман кој верувале или не чинам дека има издадено 2 (или 3) стихозбирки токму во издание на Ѓурѓа.

Е потоа започна блогерската фешта која треше до доцна во ноќта. Ако на некој му е криво што не дошол да не дружи, така му треба. Јас и во претходниот пост кога ја најавив промоцијата, реков дека ќе има неофицијална-блог журка за чија дестинација ќе се дознае на самиот настан. И така бидна. А она што се случуваше потоа, веројатно ни Рембо не би можел да го долови со зборови. :)))

Сетоа ова ме наведе уште еднаш да размислам општо за блогирањето, блогот, интернетот како простор каде секој може да преслика дел од себе, блого-пријателите … Не знам дали е блогот последната агора на светот, но за мене блогирањето е исполување на креативноста во својата изворна форма преку сега веќе достапните мултимедијални интерактивни облици. За мене блогот е процес кој трае. Или да транскрибирам една своја песна во блогерски жаргон -

Во прегратките на блогот некој бара закрила, а некој сочувство. Зошто блогот е моќ. Тој е како оштрица. Менува бои и имиња, некому служи за љубов, некому за одбрана ;) На блогот зборовите сечат, режат, прережуват, како срча набодуваат. Како тап агол болат…Кршени, прекршувани, повторно составувани. За да ослободуваат и да даруваат емотивна дијагноза која во обата случаја е блиску до совршенството.

Никогаш не зажалив зошто почнав да блогирам. Напротив, ми се проширија видиците, ми се зголемија пријателите, ама ми се зголемија и апетитите. На крај си реков – зошто пак да не Археолошки дневник во печатена верзија?

Напиши коментар