Nov 30

Завршија Ноќите на Радио Равел и пријателите во Мала Станица, посветени на нивната прерано почината ,,газдарица” Радица Величковиќ. Со еден мултимедијален пристап преку проекции, промоции, перформанси, концерти, нивното мобилно студио поставено на катот во Арт кафето успеа со многу музика, дружење и забава, да ми ги разведри овие ладни ноемвриски ноќи.

Радио Равел е единственото радио кое после култната 103ка успеа сите овие години да ми го задржи вниманието, иако паралелно ги слушам и Лајф и Џез FM. Прочитав еден коментар со кој целосно се сложувам – дека е тоа радио со многу квалитетна музика и добар избор на емисии. Јас ќе додадам уште и потковани музички водители умерени во своите ставови, и шарманти во своите изјави. Никогаш до сега ги немав видено водителите на Равел (освен Влатко Галевски) и ме изненади фактот дека се тие релативно млада екипа. Би рекла просекот им е околу триесеттина години.

Бев на втората и на четвртата вечер. На втората свиреше генијалниот Тони Китановски со неговите пријатели, за чии впечатоци ќе напишам можеби понатаму. Но она кое остави лузна во мојата меморија е всушност четвртата вечер кога на едно место се собра се она што сум слушала и сакала од клинка. Израснав со тие луѓе и нивната музика. Со многу добра организација и без пауза меѓу групите, си ги видов сите свои тинејџерски идоли. Горан Таневски го правеше интервју со Љупчо Јолевски за во етер буквално пред мене промовирајќи го новиот видео запис на Мизар. Спотот кој е правен за германскиот пазар треба да оди со најава дека е за ,,луѓе со јак стомак”. Богами Рамштајн можат ,,вода да им носат”.

Но веројатно кулминација на вечерта беше спонтаната свирка на Бадминтонс по повод 25 години од нивното постоење. Долго ги знам членовите на Бадминтонс, но за прв пат во живо слушнав некои песни бидејќи не сум ја имала таа шанса досега. Она што хронолошки се случуваше можете накратко да го прочитате на блогот на Voodo Lounge, со дополнување дека цело време додека траеше настанот во позадина на видео бим, како некој вид на перформанс, одеа секвенци од разни домашни филмови како Превртено, Собирот на шаманите сл. кои одлично се вклопија во целата концепција.

Голема благодарност до радио Равел. Успејаа за само неколку саати да ми го свртат со помош на музиката како флеш бек целиот мој музички свет. Мојот мал музички свет. И ветија дека ќе го повторат тоа во иднина. Барем два пати годишно.


In memoriam – Радица Величковиќ

За мене една од најубавите емисии е токму онаа која ја водеше Радица Величковиќ насловена како ,,Време На Вино и Сеќавања”. Топла, мистична и храбра жена, која честопати ме инспирирала за некои писанија, од кои една е оваа песна подолу.

Време како време
наталожено
испреплетено
време на симулација
за вино
и за сеќавања

те галат
разгалуваат
рамнодушен не те
оставаат
* * *

божествен пијалок
инспирација на уметниците
една капка
една голтка
зборуваат повеќе
од илјада зборови
интерпункциски знаци
и толкувања

и…

И тука ставам крај на песната … или можеби почеток за некоја нова строфа, нова песна, за во некое поинакво идно време наталожено со сеќавања понесени од сегашноста.

Cheers за сите мои пријатели :)