Nov 23

Вчера бев на промоција на една книга. Блог-книга или книга-блог. Како милувате. Не ме покани никој посебно. Се поканив самата себе си. Да не кажам, се почестив со присуството на некои духовни ентитети, мелем за душата, виножито за очите и хармонија за сите останати сетила. Одамна не ми било така убаво.

Причината беше што една Продавница на тајни решила својот излог да го направи достапен за пошироката публика, дозволувајќи на тој начин секој да погледне во него и да си најде по едно парче од својата душа. Му благодарам на Никола Костески кој без да знае, ми го овозможи тоа задоволство. Им благодарам и на сите пријатели и блогери кои дојдоа по една маглива и ладна вечер само за да бидат дел од една промоција, прва од оваков вид во Македонија. И што ми ја направија вечерта незаборавна.

Имено, се работи за тоа што господинот Никола Костески, сопственик на издавачката куќа Ѓурѓа, посоветуван од своите помлади помошници, решил пред повеќе од една година да си отвори блог на кои ќе ги презентира своите книги. Така оваа интернет продавница од ден на ден ги издаваше своите тајни на читателите гладни за убавиот збор. Морам да бидам искрена и да кажам дека не многу често го посетував овој блог, но одвреме навреме ќе навратев тамам да не подзаборавам на тоа дека, оти многу сакам математички операции, се запишав на Филозофски. :)))

Самата промоција започна со читање на некои постови од страна на глумецот Славко Нинов. Интересно звучи она кое е напишано на интеренет или искоментирано од некој блогер, да се чуе преточено во перформансот на некој актер. Потоа настапи официјалниот промотер на книгата ,,Машко писмо” – Ивица Боцевски, сегашан потпарол на Владата на Р. Македонија, и активен блогер пред да ја превземе оваа функција. Господинот Боцевски најљубезно се извини за своето ситно доцнење од скоро еден час, тамам да ни го долови духот на Владата за која работи моментално. Во позадина домаќините Ѓурѓа и или-Или се потрудија пак да ни угодат со пријатна џез музика, мезе и пијалок.

Зорив, Виолетова, Волан, Ивица Боцевски, Кукбук, Оксиморон, Плачка, Глимпс, Силентлуфт, Комуникации, Баждарџијата, Страјкинг Бјути, Хула Хопа, Милозвучна солза, Ѕверот, Џам, Кими, Леонова, Продавница на тајни, Гершанина, Мина, Лимонче, Кликер, Намерникот, Вуду …

Всушност, МАШКО ПИСМО е збирка од дваесетина текстови објавени на блогот ПРОДАВНИЦА НА ТАЈНИ, проследени со избор од коментарите што читателите, вообичаено, ги оставаат под текстот. Имавме можност да го купиме овој блог по промотивна цена со инвентивен авторски потпис, посебно посветен на секој од нас блог-пријателите. Inbetween можеа да се видат многу личност меѓу кои и мојот колега Паско Кузман кој верувале или не чинам дека има издадено 2 (или 3) стихозбирки токму во издание на Ѓурѓа.

Е потоа започна блогерската фешта која треше до доцна во ноќта. Ако на некој му е криво што не дошол да не дружи, така му треба. Јас и во претходниот пост кога ја најавив промоцијата, реков дека ќе има неофицијална-блог журка за чија дестинација ќе се дознае на самиот настан. И така бидна. А она што се случуваше потоа, веројатно ни Рембо не би можел да го долови со зборови. :)))

Сетоа ова ме наведе уште еднаш да размислам општо за блогирањето, блогот, интернетот како простор каде секој може да преслика дел од себе, блого-пријателите … Не знам дали е блогот последната агора на светот, но за мене блогирањето е исполување на креативноста во својата изворна форма преку сега веќе достапните мултимедијални интерактивни облици. За мене блогот е процес кој трае. Или да транскрибирам една своја песна во блогерски жаргон -

Во прегратките на блогот некој бара закрила, а некој сочувство. Зошто блогот е моќ. Тој е како оштрица. Менува бои и имиња, некому служи за љубов, некому за одбрана ;) На блогот зборовите сечат, режат, прережуват, како срча набодуваат. Како тап агол болат…Кршени, прекршувани, повторно составувани. За да ослободуваат и да даруваат емотивна дијагноза која во обата случаја е блиску до совршенството.

Никогаш не зажалив зошто почнав да блогирам. Напротив, ми се проширија видиците, ми се зголемија пријателите, ама ми се зголемија и апетитите. На крај си реков – зошто пак да не Археолошки дневник во печатена верзија?

Nov 20

Во четврток на 22 Ноември 2007 во 19 часот во Мала станица, блогерот познат како Продавница на тајни ака Никола Костески – сопственикот на издавачката куќа Ѓурѓа, официјално ќе има промоцијата на неговата книга МАШКО ПИСМО. Ќе присуствуваат и блогери од други градови, така што после коктелот за кој се задолжени македонските издавачи ИЛИ-ИЛИ и ЃУРЃА, неофицијално ќе следи и една блог-журка.

Промотор на книгата е Ивица Боцевски, сегашан потпарол на Владата на Р. македонија, и активен блогер пред да ја превземе оваа функција. Поканата за промоцијата е упатена до сите членови на македонската блог-заедница, а за журката – кога, каде и како … епа тоа само на лице место. See ya there …

Nov 17

Вчера вечер почина дедо ми. Денеска го закопавме. Си умре тивко како што и живееше. Имаше тежок живот и ја сподели судбината на илјадници македонци од Егејскиот дел на Македонија. Некои луѓе кога заминуваат, како цела библиотека да согорува со нив. Им благодарам на сите роднини и пријатели кои во овој тежок момент беа со нас, зошто знам дека ме читаат. Навистина ми е тешко да пишувам. Оваа ,,година” изгубив неколку драги луѓе и се што сакам е таа побрзо да заврши. Ти простувам што како мала патев затоа што сите деца на летен одмор одеа ,,кај баба и дедо на село”, а моите баба и дедо беа во Синѓелич. Почивај дедо во мир. Нека ти е лесна земјата. Mногу те сакав и ќе ми недостигаш.

Сонувам есен
сонувам дува ветер
и сонувам лисја
како ветрот еден по еден
ги кине од гранките

Паѓаат на земјата
и чизми ги газат.
Бојата зелена се претвора
во крвава.
И сонувам како лежам над земјата.
а небото над мене пополека се стемнува.