Dec 27


Can you play it a DADA?

Dec 21

Вечно ќе му бидам благодарна на мојот пријател Владо кој по повод неговото магистрирање во Белград реши да си ги почасти пријателите. Со влезници за концертот на Ансамблот за народни игри и песни на Македонија – ,,Танец” во МНТ. Поубав пред-новогодишен поклон и не можев да си замислам.

Со специјална кореографија, вокална и музичка обработка на своите нумери, помеѓу оркестрацијата на разни народни песни и ора, овој пат ,,Танец” ни претставија сплет од Прилепски, Охридски и Битолски игри. Пееја, глумеа, свиреа, танцуваа. Ја изведоа дури и ,,Седенка” чија првобитна верзија е поставена уште во 1957 година.

Да можев, ќе снимав се. Но затоа тука беше некоја од телевизиите која максимално го покри овој настан, па верувам како по обичај дека ќе се појави околу новогодишните празници на некој од македонските телевизиски канали. Максимално уиграни, синхронизирани, и… И претставителни. Одамна не ми се видела така убава македонската народна носија. Не дека не е лична, напротив. Меѓутоа луѓето од ,,Танец” ја носат со таква гордост и тоа може да се прочита од секое нивно движење по сцената. Совршенство на секој одигран чекор. Па тие луѓе се вистински виртуози кои едвај ја допираа бината. Повеќе време поминаа во воздух отколку на земја.

Постојат многу ентитети кои Македонија може и ги дарува како дел од шаренилото на етнолошките идентитети. Но во моментов освен со ,,Танец” баш и немаме со што многу да му се пофалиме на светов. Во контекст на овој пост, на мојот канал на youtube upload-ирав неколку клипчиња кои успеав да ги направам. Колку да се знае. Да не се заборави. Кои сме, што сме и од каде доаѓаме.

На видео клипот се претставени дел од Прилепските игри

Очите ми се насолзија. Би сакала мојот дедо да беше тука. Би бил навистина горд да види што станало со Танец после толку години. Иститот оној дедо кој трпеливо поминал низ сито и решето учејќи ги во шеесетитте години од 20 век тогашните членови на овој ансамбл да ги играат ,,Егејските ора”. Мојот дедо кој се викаше Аристид Филактов почина кога бев мала, на моја 12 годишна возраст. Несебично се обидуваше да ни го пренесе на мене и на брат ми наследството кое вткаено во кодот на македонскиот народ провејуваше со стотици години. Тогаш можеби не го сватив бремето кое требаше да се понесе. Но од крв очигледно не се бега. Јас станав археолог, а мојот брат етнолог. Чинам дека и двајцата гордо го понесовме фамилијарниот товар.

од мојот пост: Чалгија во чест на мојот дедо

Оригинален омот на плочата Старо Кукушко оро – издание на PGP RTB

Клучни зборови: , , , , , , , , , , , , , , , ,

Dec 20

Фотографијата која ја гледате подолу е насловена како Процесија и беше дел од изложбата во Мала станица насловена како Was ist kunst MACEDONIA. На неа се наоѓа на отецот Методија Златанов кој е фатен во момент на својата редовна служба во Марков Манастир кај Скопје, пред скоро година и пол. Позади него е неговиот брат близнак кој во рацете држи еден примерок на делото на IRWIN – “Маљевич меѓу две војни” компонирано од необични елементи: класично насликан лик, крст во две бои и нацистички скулптури.

Придонесот на отец Методиј Златанов за современата авангардна култура во Македонија е огромен. Ако не ви е познат фактот, пред да се замонаши тој има учествувано во проектот ,,Апореа”, а ги има и дизајнирано CD-ата на Анастасија. Незванично, колку мене ми е познато по кулоарите кружат гласини дека тој ја има напишано нивната песна Премин, ама овој податок треба да биде дополнително потврден.

Дали некој од вас си го постави прашањето: ,,Што бара нерелигиозен објект на сред христијанска процесија”? И што воопшто треба да потврди една религија? Можеби вашата сопствена религиозност? Е па, не е така. Историјата на религијата е полна со интрузивни примери кои отстапуваат од тоа правило. Се со цел да ја докажат. Па нели и старата латинска поговорка вели дека: Еexceptio probat regulam de rebus non exceptis.

* * *

Она што се напиша за IRWIN (1,2, 3, 4, 5) во медиумите беше пренесено без да се даде сопствен критички осврт, рецензија или барем какво-такво субјективно мислење. Ви се молам господа, па тоа го може секој кој ќе собере доволно информации на интернет и ги сложи по некој редослед. Или им постави неколку прашања по e-mail. Аj што препишавте, туку дали воопшто разбравте што пишувате?

Една од ретките претстави на иконата ,,Христоносец”
- светител со глава на пес

Сешто се начитав после изложбата на IRWIN во Мала станица и концертот на Лајбах во рамките на Такират 9. За IRWIN кои ниту се националистички, ниту религиозно ориентиратни. За IRWIN кои 20 години се трудат да дојдат во една мизерна по дух Mакедонија да ни ја претстават својата уметност. За IRWIN кои доживејаа да бидат принудени да даваат интервјуа (инаку тоа вообичаено не го прават) за да го објаснуваат потеклото и концептот на својата уметност инспирирана од Казимир Маљевич. Сите ја очекувавме оваа изложба но никој друг не беше нешто посебно возбуден освен директорката на Мала станица која беше видно вознемирена како тоа ќе реагираат луѓето на ковчег во поставка. Ако сте на позиција директор на Национална галерија како Мала Станица и не ја разбирате уметноста на IRWIN, во краен случај можете да се обидете да го сторите тоа, ама без да глумите лудило.

* * *

Сега за Laibach. Лајбах беа феноменални. Лајбах се институција. Колектив. Исто како IRWIN. Тоа е состојба на свест, а не музика. Ако некој мисли поинаку не им ја разбрал концептуалната филозофија забарикадирана со суровост. Kористејќи го милитаризмот само како форма, a фашизмот како иронија Лајбах повеќе пати ме вратија на границите од свесното. За разлика од многу други, никогаш не сум мислела дека се Лајбах про наци. Иако секогаш постои можноста да бидат погрешно протолкувани. Секој го слуша и го гледа тоа што сака да го чуе и види.

Но реалноста вели дека Лајбах имаат се. Моќни се, бескрупулозни кога се работи за нежноста на чувствата. Имаат свесност, имаат идеологија, имаат иконографија. Имаат мисија и најважно од се е што своите можности ги реализираат во Documenta presenta.

Фатени во стегите на рок-артот но само како глобален правец, во тишината на својот свет, веќе петнаесет години на критичко-идеолошко ниво ми ја обликуваат филозофијата за животот. И кој ме познава, знае дека е така. Впрочем не ги избрав онака рандом Љубљана и Словенија за следна моја животна дестинација.

Join the first State existing in time and not within geographical borders.

Become a citizen of the first global state of the universe.

Ако сакате да ја разберете уметноста на IRWIN и музиката на Laibach, тогаш ќе ви треба пасош. Но не оној кој Laibach го продаваат за 20 EUR, ниту пак оној со кој IRWIN патуваат по светот презентирајќи ширум една поинаква уметност, притоа имајќи состојба поткрепена со филозофија за која ретко кој од овдешниве наши квази интелектуалци има ниво да дебатира. На ним пасошот им треба бидејќи тие имаат држава, ама немаат територија. А на вас тој пасош ви треба за да можете да патувате низ времето. Низ сопственото несвесно. И низ вијугите вашата потсвест.


Ај па и ја најдов со кого да дебатирам… :)




Применливост на NSK маичките во разни цели :)))