Dec 21

Вечно ќе му бидам благодарна на мојот пријател Владо кој по повод неговото магистрирање во Белград реши да си ги почасти пријателите. Со влезници за концертот на Ансамблот за народни игри и песни на Македонија – ,,Танец” во МНТ. Поубав пред-новогодишен поклон и не можев да си замислам.

Со специјална кореографија, вокална и музичка обработка на своите нумери, помеѓу оркестрацијата на разни народни песни и ора, овој пат ,,Танец” ни претставија сплет од Прилепски, Охридски и Битолски игри. Пееја, глумеа, свиреа, танцуваа. Ја изведоа дури и ,,Седенка” чија првобитна верзија е поставена уште во 1957 година.

Да можев, ќе снимав се. Но затоа тука беше некоја од телевизиите која максимално го покри овој настан, па верувам како по обичај дека ќе се појави околу новогодишните празници на некој од македонските телевизиски канали. Максимално уиграни, синхронизирани, и… И претставителни. Одамна не ми се видела така убава македонската народна носија. Не дека не е лична, напротив. Меѓутоа луѓето од ,,Танец” ја носат со таква гордост и тоа може да се прочита од секое нивно движење по сцената. Совршенство на секој одигран чекор. Па тие луѓе се вистински виртуози кои едвај ја допираа бината. Повеќе време поминаа во воздух отколку на земја.

Постојат многу ентитети кои Македонија може и ги дарува како дел од шаренилото на етнолошките идентитети. Но во моментов освен со ,,Танец” баш и немаме со што многу да му се пофалиме на светов. Во контекст на овој пост, на мојот канал на youtube upload-ирав неколку клипчиња кои успеав да ги направам. Колку да се знае. Да не се заборави. Кои сме, што сме и од каде доаѓаме.

На видео клипот се претставени дел од Прилепските игри

Очите ми се насолзија. Би сакала мојот дедо да беше тука. Би бил навистина горд да види што станало со Танец после толку години. Иститот оној дедо кој трпеливо поминал низ сито и решето учејќи ги во шеесетитте години од 20 век тогашните членови на овој ансамбл да ги играат ,,Егејските ора”. Мојот дедо кој се викаше Аристид Филактов почина кога бев мала, на моја 12 годишна возраст. Несебично се обидуваше да ни го пренесе на мене и на брат ми наследството кое вткаено во кодот на македонскиот народ провејуваше со стотици години. Тогаш можеби не го сватив бремето кое требаше да се понесе. Но од крв очигледно не се бега. Јас станав археолог, а мојот брат етнолог. Чинам дека и двајцата гордо го понесовме фамилијарниот товар.

од мојот пост: Чалгија во чест на мојот дедо

Оригинален омот на плочата Старо Кукушко оро – издание на PGP RTB

Клучни зборови: , , , , , , , , , , , , , , , ,

1 Коментар на “Предновогодишен поклон со концертот на Танец”

  1. Археолошки дневник vol.3 » Чалгија во чест на мојот дедо Напиша:

    [...] учел сега веќе постарите (дефинитивно пензионирани) членови на Танец да ги играат, свират или пеат ората од ејескиот дел на [...]

Напиши коментар