Apr 23

Како што крадец препознава крадец без да се запознае, така јас ја препознав твојата душа. Едно утро, таму на пазарот, затскриена во удобна наметка, малку плашлива, како со кроки скица нацртана, изгубена во сопствената фантазмагорија. Уште не бев проговорила, а таа веќе знаеше што мислам. Носеше тајна која можеше да се преведе на сите човечки јазици со помош на чулноста, а да се разбере со помош на мудроста надминувајќи го притоа засекогаш говорот на луѓето. Многу брзо се навикнав на неа како на своја облека, а таа ги препознаваше моите мисли и без да ги изговорам.

Почетокот на секој ден започнуваше со истата церемонија. Ти ќе заминеше на работа, јас ќе се навалев во фотељата. Душата почнуваше да глуми некое лице или карактер несразмерно концентрирани со рандом искуства. Ме засмејуваше. Ќе седнеше, ќе станеше, ќе се потпреше на прозорецот, а јас гледав како догорчињата од цигарите ги пецкаат врвовите на нејзиното задоволство. Навечер пак од устата на душата слушав милозвучни зборови кои се претворааа во клучеви. Низ моето тело шетаа и соништата со брзина на мислите ги ловеа. Инспиративна и духовита, дури еднашка и успеа да ме натера да облечам долг темен тесен фустан, со ѕвончиња наместо копчиња. И да понесам две огледала, од кои едното сигурно знаеше дека ќе ја препознае. Ја сакаше повеќе мојата лева града од десната, иако никогаш не заспавме недолично.

 

Еден ден хармоничната и секогаш добро организирана душа седна наспроти мене и неспокојно ми рече: Кога во моите зборови ќе ја препознаеш вревата, тогаш ќе ја направиш разликата помеѓу реалноста и вистината. А кога тоа ќе го сториш ќе биде предоцна. Зарем постои нешто поубиствено од тоа предоцна!?

Молчев однемена. Се обидов да ја реанимирам. Но во тој момент не беше потребен само кардиограм, туку и електроенцефалограм. Да се дијагностицира каде настанал куршлусот. За да го надминеме проблемот, тогаш прв пат решивме да се искачивме. Јас и твојата душа. Тебе те заборавивме. Чинам дека не ти ни споменавме. Таму горе во планината, под боровите, каде ветровите некогаш ги мрсеа прамените на твојата коса, остана само звукот на тишината.

Напиши коментар