Apr 20

Слики од Ристо Соколов - Сокол

 Ете, тага ме навјасала
џенем не заминува
стојам и гледам.
Зошто тагата на добрите луѓе
се претопува во музика
или во земјата
со солзи натопена
која од калта
слика содава.
Од онаа иста кал
што наназад го уништува
овој град
а со него и сликата на уметникот
кој од калта
злато прави
и создава дело величенствено
но незапомнето
оти калта земја е и тежнее
кон бесконечно распаѓање.

Ова се зборови кои ги запишав благодарение на двајца “пустиници” кои ги запознав. Едниот молчешкум создаваше, другиот во тишина се воодушевуваше. Но човек со срце полно молчење и човек со срце полно тишина, никако не можат да бидат слични …

Apr 17

Вчера вечер ја гледав Македонската филхармонија како за прв пат го изведува Концертот Аранхуез (Concierto de Aranjuez) од шпанскиот автор Хоакин Родриго (Joaquín Rodrigo). Со многу умешност, но и доза на резерва сепак нашите филхармонисти успејаа да ја доловат атмосверата на шпанските лирични ритми, инспирирани од Градините во Аранхуез, место каде Родигез и неговата сопруга по нивната смрт се погребани. Овој концерт кој му донел светска слава на Родригез е напишан во 1939 година, а добива на “тежина” ако се знае фактот дека авторот бил слеп од својата трета година и сите свои дела ги пишувал со помош на Браевата Азбука.

 

Кратка рецензија за концертот.

Apr 04

Вие значи мислите дека жената треба да се соедини со мажот дури и после смртта?

- Непоспорно е дека треба. Бракот е за век и веков и за вечноста. Зар вие не ја знаете приказната за историјатот на двајцата млади сопружници од Оверн, кои се сакале? Умреле скоро во исто време и положени се во два гроба кој се разделени со една мала стаза. Но дивата ружа секоја ноќ своите расцветани гранки ги префрлала од едниот гроб, на другиот. Па морале да ги состават ковчезите.

Анатол Франс – Црвениот крин

Ете и тоа ми се случи. Се сопнав во животот. Паднав. За малку ќе умрев. Ако – си реков. Во тој момент знаев дека повторно ќе се родам. Бидејќи по кој знае кој пат, животот ми даде уште еднаш шанса.

До следното мое умирање.