May 29

Му се молев на дождот да ги избрише трагите на секојдневните страданија и молчеливи верувања. Да ги избледе сликите за сите сеќавања, да направи да почувствувам како доаѓа и си оди засекогаш без збогување. Оти секоја вечер заспивав во иднината, а секое утро се будев во минатото. Почетокот на денот ми ги прикриваше болките, а ноќта само ги продолжуваше маките.

Клечев пред крстот. Пред мене беа распнати столетија. Стоев така во долгиот низ од луѓе и чекав да дојде мојот ред. Никогаш не разбрав зошто те загубив, и никогаш повторно како тебе не пронајдов. Некој што за мене лудости ќе оствари, ѓаволштини кои беа пресликани во реката од мисли со изгубени одрази.

photo by mpedziwiatr

Едно утро кога сонот на долгата летна ноќ се распрсна во илјада мали соѕвездија, со мисли раскренати како прашина тргнав на долг пат. Чевлите ги искинав, а колениците ги раскрварив. Секој пат кога тргнував, паѓањето го чувствував. Толку колку што има ѕвезди на небото не бев спиела со ноќи барајќи те тебе. Во бескрајното море на тагата, фрлав латици во земјата на сенките. Им принесував жртви на боговите и ги молев да те воскреснат.

Се што сакав е да бидам светлина. Ангел чувар над твојата кревка болна душа. Наместо тоа станав сведок. И критичар. И странец во сопствениот живот. Оти поголема од сите несреќи на светов беше тоа што знаев многу повеќе од знаците на хартијата. Велеше дека постојат настани кои имаат насилен почеток или насилен крај. Ја разбрав првата, но не и втората вистина. Кога замина со леден поглед и прекор, тие два збора станаа мојата бесконечност низ која се уште талкам.

May 29

Како сведок на тишината чиј свет започнува
од празнината, поставив стапица за твојот
поглед. Се понадевав во проклетата навика
дека сите оние фрагменти, делчиња и цитати,
ти оставиле доволна лузна да го продолжиш
ловот во непознатото. И наместо приказна
која започна во времето дури и пред времето
да постои, ти дојде и ми рече – Збогум драга
прости ми за сите соништа неостварени.

May 23

Што е вистина, а што реалност? Од вистината можеш да извадиш онолку колку што ќе ставиш во неа. Од реалноста онолку колку што можеш да сносиш последици. Но секоја вистина носи последици. Значи реална е онаа вистина која носи последици. Дури тогаш сваќаш дека е вистинита. Мислам на реалноста. Инаку од каде ќе знаеш дека е реалноста вистинита ако ги нема последиците?

Секое седиште има сопствено гледиште. Секој верува во она што сака да го чуе, види, почувствува… Тоа е неговата вистина. Но кој е реперот кој ни вели што е тоа во кое ќе одбереме да веруваме? Дали е вистината лична своина и ја креираме без разлика на реалноста? Дали е мојата вистина и твоја? И обратно…

Има неколку вистини, мојата, твојата и онаа која никогаш нема да ја дознаеме. А реално може да постојат и повеќе вистини. Тогаш како ќе препознаеме која е правата вистина? Онаа во која ќе одбереме да веруваме или онаа која се обидуваме да ја избегнеме? Но честопати се случува губејќи се на патот кон својата судбина за да ја избегнеме вистината, токму на неа налетуваме. На животната трка со пречки, каде препреките на патот кон спознанието на вистината се како мостови. Некои мостови се преминуваат, а некои за да ги преминеш мораш да ги запалиш.

Многу е лесно да се филозофира и да се даваат совети, но најтешко е тие да се спроведат во прво лице еднина. Секој нивни почеток не вади од улогата на сопствена жртва во животот и ни ја покажува нашата вистина.