May 16

КАЈМАКЧАЛАН

Луѓе
раскорнете ја коскарницата
нека се затрчаат черепите
низ стрмните падини
на Кајмакчалан.
Велат,
на каменот изгорела тревата,
мајката го исплакала синот,
времето ја заборавило мајката.
Јас не знам кој со кого
и кој за кого во кој ден,
се кренал духот како магла
што пасе ноќе по присоите . . .
Дошле преку отворено море
да го срушат својот бран,
на Кајмакчалан.
Можеби до черепот лежи
черепот на тој што убивал,
черепите се слични
со каменот.
Јас не знам кој со кого
и кој за кого во кој ден,
но ова чудо од коски
ме плаши!

Оние кои не ја разбираат поезијата, имаат избор да не ја читаат. Но за оние кои ја сакаат, поезијата на Јован Котески е задолжителна литература.