Jun 13

 

photo by Zan61

Голтам прашина од дамнешна прикаска, со надеж што трепери под патината на совеста. Со демони другарував во светот на сенките, меѓу слоевите на времето ги барав тајните. Цртав магични кругови во земјата на водите, со агли ненаметливи те ловев во мислите. Кој си ти што ме прогонуваш и преку клучеви од симболи аманети ми оставаш? Во прегратки од слатки казни ме врзуваш и правиш да поверувам дека никогаш не изчезнува. Во празнината разбиена на илјадници делчиња, чувството неодредено, недокажано, затскриено. Момент перфектен, скоро запечатен во бројката која спојува илјадници еони и милијарда честички љубовни. Овердоуз со игри космички, никогаш непресушни мисли прашинкасти. Јас сум ловената, а времето е ловецот.

А ти?
Ти си сведокот!

 

Jun 05

Беше утро. И беше мрак. Прв ден од нашето создавање. И последен. Ден во кој клепките ми паѓаат и уморот не се чувствуваше. Пред да си замине чувството недодредено, под привидната празнина на мојата утроба и твојата фатална рамнодушност, поминав низ булеварот на скршените срца. Фенерите се запалија и додека уличните светулки танцуваа, морници по телото ме облеваа. Животот ми стана сликано платно на кое се движев во погрешен правец, а писанијата го впиваа товарот како прибежиште за моите белешки. Последна архива од немирот во ноќта, кон самракот на моето битие. На едно долго мачно патешествие, на кое постојано се сретнуваме, се раздвојуваме и се збогуваме, те видов за прв и последен пат. Во еден ист ден. Неповторлив, необновлив, а обичен како секој друг проклет ден.