Mar 28

Влегување во Ерусалим

Стоиме: Тој пресветол

Јас темен. Одеднаш:
Водите се отворија
Дверите се затворија.
Од душата тогаш
Пркнаа славеи
И исчезнаа зад ѕидиштата.

Значи: влегов во Ерусалим?

Не, не влегов јас
Од таму ме изнесоа.

Михаил Ренџов – Нерези, пролетта ‘79

По воскреснувањето на Лазар, влегувањето на Исус Христос во Ерусалим е уште еден од многубројните знаци одредени според старозаветното пророштво. Цветници се празнуваат во неделата пред Воскресението и сигурно претставува најдраматичниот празник меѓу Дванаесетте големи празници. Го означува почетокот на најтешката седмица во историјата на човештвото наречена уште “Страсната Недела”: моментот од влегувањето на Исус Христос во Ерусалим па се до Воскресението. Овој настан би требало да се датира веројатно некаде околу 33 година кога Исус Христос пристигнувајќи во близина на Ерусалим им заповедал на двајца од своите ученици од блиското село да најдат и доведат младо магаренце.

„Учениците отидоа и го извршија она што им беше заповедал Исус: ги доведоа магарицата и ослето, ги ставија врз нив своите облеки и Исус седна на нив. Голем број луѓе ги постилаа своите облеки по патот, други кршеа гранчиња од дрвјата и ги постилаа на патот. А народот што врвеше пред Исус, како и оние што одеа по Него, воскликнуваа, извикувајќи: Спаси не сега, Сине Давидов. Благословен е тој што доаѓа во името господово. Спаси не сега Ти, Кој доаѓаш од небесните восочини“ (Матеј 21, 6 – 9).

За многу години да ни е празников

Среќни Цветници