Jul 23

Сакам да ви пренесам нешто кое е дел од мојот микроуниверзум повеќе од една деценија. И благодарам на една пријтелка на мојата мајка, која во склоп на нејзината работа, своевремено ми ги откри афирмациите.

Богатството на внатрешната мудрост

Сите ние некогаш и некаде поради одреден сплет на околности, сме се почувствувале како жртви. И кога тоа ќе се случи ние обично почнуваме да се изолираме. Тогаш најчесто ни се (по)јавуваат сите проблеми. Чувствуваме болка и страв и бараме нешто или најчесто некој кој би не спасил, т.е. некој кој тоа би го направил наместо нас. Но наместо тоа се што треба да направите, е да се свртите кон себе си.

Една народна поговорка вели:,,најдобриот лек е секогаш оној наједноставниот”. Постојат повеќе методи како да се вратите на стариот колосек или можеби да отидете еден чекор напред. Еден од нив е користењето на афирмации. Сите алтернативни ментални дисциплини како силва, екскалибур, креативна визуелизација и т.н., како основа на своите методи ја користат – афирмацијата. Доколку не сте се сретнале со ова досега, афирмациите означуваат јасни, позитивни сугестии кои си ги даваме самите на себе си заради постигнување на одредена промена во својот живот. Оној момент кога ќе почнете да изговарате афирмации, излегувате од улогата на жртва. Веќе не сте беспомошни и ја потврдувате својата сопствена моќ.

Афирмации

Афирмациите се почетна точка. Тие ни ги отвораат патот. Со нив на нашата подсвест и кажуваме:,, Сега ЈАС ја превземам одговорноста за себе”. ,,Свесна сум дека постојат многу работи што ЈАС можам да ги сторам”. Ако продолжите да изговарате афирмации, вие или ќе станете спремни во потполност да се ослободите од нешто што ве мачи, што и да е во прашање, или ќе ви се отвори некоја нова врата. И сами знаете дека една затворена врата, отвора десет нови. Можеби на памет ќе ви падне некоја генијална идеја. Или можеби ќе ве повика некој пријател и ќе ви каже : ,,А дали некогаш си го пробала ова?”. Во секој случај ќе ви се укаже следниот чекор кој ќе ви помогне во понатамошната работа, доколку сакате да ,,оздравите”.

На кој принцип работат афирмациите? Тие делуваат на нашата подсвест, сакале да го признаеме тоа или не, а тоа е нешто што е добро за целото наше битие. Факт е дека повеќето од нас водат скоро непрекинат ,,дијалог” во себе. Нашиот ум разговара сам со себе, без престан коментирајќи за животот, светот, нашите чувства, нашите проблеми, другите луѓе и.т.н. Зборовите и идеите кои ви проаѓаат низ умот се многу важни, но поголем број од луѓето воопшто не обрнуваат внимание на нив. Употребата на афирмации ви дозволува да започнете замена на некои од вашите застарени, истрошени или негативни внатрешни разговори, со позитивни идеи и концепти. Тоа е една моќна техника која е во состојба за многу кратко време да ги трансформира вашите негативни ставови и со тоа потполно да го измени вашиот живот како и она што го создавате за себе.

Примената на афирмациите воопшто нема да ве чини ниту денар, а може да ви го промени животот од корен. Може да ги применувате во мислите (немо), гласно да ги изговарате, да ги запишувате, па дури и да ги пеете. Најмалку што ви треба се само десеттина минути дневно. Секако дека треба да бидете свесни за тоа што го ,,кажувате на себе си” и да бирате позитивни зборови бидејќи тие ќе ви помогнат да создадете позитивна реалност за тоа што го сакате.

Афирмација може да биде било која позитивна изјава. Немојте да се преоптеретувате и нешто посебно да смислувате. Таа може да биде уопштена, или доста конкретна. Но кога работите афирмации треба да водите сметка за неколку важни работи:

1. Секогаш кажувајте ги во сегашно време, а не во иднина. Важно е да ги создадете така како веќе да постојат.
2. Секогаш изразувајте ги на најпозитивен начин. Така ќе го потврдите она што навистина го сакате, а не она што не го сакате.
3. Направете ги да бидат едноставни и кратки. Треба да бидат јасни, а со тоа ќе бидат и поефикасни.
4. Секогаш бирајте афирмации кои се ,,вистинските” за вас. Тоа што ќе му користи на еден, можеби нема на некој друг. Прилагодете ги на себе.
5. Секогаш имајте на ум дека кога работите афирмации, создавате нешто ново и свежо.
6. Намената на афирмациите не е да делува во спротивност со вашите емоции или да пробате истите да ги промените. Тие само ви помагаат да оформите нов став кон животот.
7. Кога ги користите направете што е можно поверно чувство дека тие можат да бидат вистински.

Некои малку совети

Кога ги работите афирмациите за да постигнете позитивни промени во животот, постои дел од вас кој не верува дека сте за тоа вредни. Таквите афирмации нема да вродат со плод. Ќе стигнете и до моментот кога ќе помислите ,,Афирмациите не делуваат”. Но тоа нема врска со делувањето на афирмациите. Во прашање е фактот дека вие самите не верувате дека заслужувате подобро. Конечно треба да станете свесни за тоа што го сакате и во што верувате. Вие го заслужувате најдоброто. Но одговорот нема да го најдете во надворешниот свет. Ќе го најдете во внатрешноста на вашето битие.

Ова е една рамка за афирмации која многу ми се допадна. Наместо да ја праќам исполната со позитивни изјави на своите пријатели, се одлучив да ја подигнам тука на сајтот, да биде за сите достапна. Можете да ја испринтате и во неа да си впишете позитивни реченици. Оние кои се технички подобри, тоа може да го сторат и во фотошоп. Ви посакувам убав ден и живот исполнет со ведрина и оптимизам. Всушност ви го посакувам истото што би си го посакала и себе си. :)

2 Коментари на “Афирмации”

  1. Elizabeta Напиша:

    Vo ovoj moment itekako mi se potrebni afirmacii …vakvite preporaki se super i se nadevam deka ke uspeam da gi primenuvam zasto bas mi se potrebni…pozdrav

  2. Slavica Напиша:

    Nie lugjeto sme tolku razlicni!!! Mnogu e tesko da gi promenime drugite. Megjutoa moeto licno iskustvo pokaza deka e polesno da se promenam prvin JAS!. So toa se boram sekoj den ……i uspevam, iako toa odi bavno. Se cuvstvuvam podobro sega i ne dozvoluvam da bidam zrtva na okolinata koja me opkruzuva. Cuvstvuvam deka imam i pomalku neprijateli. Vsusnost sfativ deka so promenata na moite misli JAS” RASTAM ” i se razvivam i ponatamu so cel da ja dostignam celta sto sum si ja postavila. Sledete ja svojata intucija i bidete uporni……Blagodaram!

Напиши коментар