Aug 14

Најдовте ли нешто? Нема ништо ново во “земјата”! Професорот имаше чистокрвен смисол за хумор, посебно на локалитет од праисторијата каде можеше да се пронајдат само коски од животни и камени артефакти. Ме фаќаше паника кога требаше да се попишат сите наоди на теренот во еден ист слој. Кота, мапа, цртеж, налепници, фолдери, кутивчиња, сигнатура, бројка, ниво, откопен слој, само да не се погреши редоследот. Ги изместувавме артефактите од нивната природна состојба. Како сведоштво остануваа документацијата, фотографијата и скицата. Да соработуваш со природата (не) значи од неа да ги позајмиш материјалите неповратно. Бидејќи враќање на претходната ситуација не е можно. Како казна секоја вечер пред очите ми се мотаа илјадници камчиња. Речни, песочни, округли, помалку плоснати, ретуширани, откршени. Ги замислував пријателски настроени. Ако каменот е најдобриот молчелив пријател на човекот, тогаш колку камења собравте денеска, во шега рече професорот?

Моето работно место во Мујина печина,
пештера во близината на Трогир, Хрватска, 06.2003

Не си земај за зло да помислиш и дека е вистина, иако може да е сѐ само фикција …