Nov 20

Деновиве седам дома. Се опоравувам и филозофирам. За животот, за радоста, убавините, боите, љубовта, страста, пријателствата, радостите, подемите и падовите …. Филозофирам, зошто не смеам да пијам во моментов додека не закрепнам. Така велат докторите. Вчера вечер некако ми ‘легна’ сето она вино неиспиено. Виното отсекогаш ми било инспирација. Велат дека во виното се емоциите или можеби од него излегуваат. Затоа човек треба да направи избор со друштвото кога пие вино. Пивото е некако понародно и може да се сподели со сите, но виното е премногу благородно за да може со секого да ја поделите неговата инспирација кога талогот создава тежина.

Ова се белешки од една филозофија, кон виното, како духовна компензација – за мојата Т’га. Во овие доцни часови.

*** ‘Крчмата е нашиот современ парламент во кој филозофија за пиење на виното во исто време е содржина која ни  дава сила со умот да го допреме факелот на страста во едно попладне, приквечерина или можеби мрак. Кога навистина ќе ни падне мрак пред очи од пиење. Инспирација на уметниците, една капка, една голтка, зборуваат повеќе од илјада зборови интерпункциски знаци и толкувања. И тука ставам крај на стиховите кои се голтаат со воздишка … или можеби почеток за некоја нова строфа, нова песна, за во некое поинакво идно време наталожено со вински сеќавања понесени од сегашноста’.

*** ‘Ако е виното мајсторски превриено како зрелите прекрасни жени кои кријат повеќе страст од инспирација, тогаш трајно се создаваат вредности од длабочината на убавината која плени како спокојството од некоја квечерина под ладовина’. :)

*** ‘Да пиеш вино и да сонуваш како се будиш на сред соблазнив здив значи дека си го прекршил првото златно правило на боемите во кое здравицата ја бара перспективата на најблиските усни и најраскошните музи, без грижи обременети, апстрактни, а сепак толку вистински’.

*** Виното наше изнедрено/во поднебје на јужните краишта/зреено, од времето заборавено/ на дното од чашата остава/ ароматични отпечатоци/кои прават талог за нови предизвици. :)

За повеќе вино, ви препорачувам да го консултирате Прирачникот за боеми од Бела Хаваш и неговата Филозофија на виното. Можеби и самите ќе најдете некоја инспирација. Со, или без вино. :)

Cheers to all my fiends! :)

wine celebration

Nov 18

Во доцна есен
кога камењата ги менуваат нијансите
блиски до боите на божилакот
рефлексија од листовите
се пресвлекува и привлекува
внимание на случајните минувачи.

Тогаш чекорам по мојот кеј,
кој за мене е стално о`кеј.
Талкам по стари улички
барајќи ја загубената архитектура
на старо Скопје.
Носот ми смрзнува
кога од фишек на клупа
јадам печени коштани.
додека зборувам со старите мештани

Мислев дека
треба да ја барам скриена помеѓу
шумолењето на дождот и
многубојните шушкави лисја под нозете
во хармонијата
и елегантнo благородно винородие.
Но, во тебе ја најдов ЉУБОВТА
… за есента

Сакам многу работи во есен,
а те сакам и ‘тебе’,
есен моја.