Dec 02

Таа вечер преспавме во планинарскиот дом. Утрината ми се јавија да ме известат дека тргнуваме на терен, да си ги припремам белешките. Повторно ќе ја бараме некрополата. Толку многу прстени печатници морало да припаѓаат на храбри воини. Амблем, скорпија, бронза, глава, печат. Да е прстенот носен на десната рака, на показалецот, покојникот би имал витешко потекло. Ако некој човек од овие краеви се здобил со таква титула, тоа најмалку било три колена пред да биде закопан. Локалниот мајстор веројатно му ја доделил работата на некој чирак, оти врежувањата од нејасните мотиви се веќе излижани. Редот на скорпионите бил формиран од самиот крал, но ја немале таа привилегија да се вратат дома. Биле погребани според обичаите, носејќи го ‘печатот’ на времето и симболот од местото од каде доааѓаат. Одломка од сакралното, ни дава слика за световното. Ете зошто сакаме да копаме гробови!

Прстенот се киснеше во растворот. Седевме фрапирани и слушавме. Професоре, Вие навистина имате харизматична дарба да го оживеете минатото. Би биле одличен писател, да не бевте археолог! Каде ли заминуваат сите нераскажани приказни за археологијата?

Не си земај за зло да помислиш и дека е вистина, иако може да е сѐ само фикција …