Моите раскази

Aug 17

,,Огледалце огледалце мое, кажи ми на светот најубав кој е?”

Па ти, а кој друг?“, одговара волшебното огледало.

Дали би се осмелиле да погледнете во едно такво волшебно огледало? Што ако дознаете страшни работи? Или можеби би погледнале ама под услов тоа огледало на иднината да е врамено во среќна рамка… или така, или никако поинаку! Или пак би сакале да погледнете во огледалото на минатото… кога поради нешто сте биле среќна…

,Огледалце огледалце мое, кажи ми на светот најубав кој е?”

Па ти, а кој друг?“, одговара волшебното огледало.

Наутро намуртени влегуваме во бањата, и се гледаме во огледалото. Зјапаме, ги набљудуваме забите…се депилираме, се лакираме и чешламе, правиме гримаси, си ги гледаме брчките, и си ја затегнуваме кожата мислејќи дека ќе го одложиме стареењето. Барем за момент. Нашите огледала, на некого судени и како казна за сопствениот изглед, на некого потврда за минливата убавина; ретко кога лажат. За разлика од нас, огледалото, никој не може да го излаже.

Ретки се оние кои оставаат трајна трага на внатрешниот мир од огледалото. Тие всушност не ни мораат да користат огледало.

Постои ли некаде некое волшебно огледало, кое би го одразило не нашиот физички изглед, туку нас самите. Огледало што го “впива” од нас сето она што ние не го гледаме??? Огледало кое има позадина со некоја друга реалност, паралелна, во која и ние имаме свој одраз, а која останува неосветлена и не освестена, као темната страна на Месечината.

Такво метафизичко огледало би ја прикажувало состојбата на нашата свест, нашите стравови, притаени мрзазења, длабоко закопана завист. Огледало кое би покажувало каде навистина сме, на кој дел од духовниот развој или пат сме застанале, што сме направиле до сега, каде сме застраниле, која делница сме ја совладале а каде се уште нашата нога не стапнала.

Гледајќи се во такво огледало каков би бил всушност нашиот одраз ???

Веројатно за многумина од нас шокантен, затоа што од изгледот би произлегле сите наши дела, зборови и мисли, сето она што некогаш на некого сме го изговориле со помалку љубов, а повеќе нетрпеливост, кога некого сме увредиле, некого повредиле. Тогаш би увиделе дека патеката по кој сте тргнале не води кон патот на светлината, туку низ сивите предели каде духот лесно може да се изгуби во шумата од човечки слабости.

Само волшебните огледала ја покажуваат состојбата на работите. Но, нив ги нема да се купат, ниту пак можат да се направат. Единствено лицата на нашите најблиски, сепак понекогаш го рефлектираат нашиот одраз. Од нив понекогаш може да ,,прочитаме” какви навистина знаеме да бидеме. Во недостаток на магијата на одразот, и тие можат да бидат коректен патоказ.

Можете ли да го замислите изгледот на сопствениот одраз во метафизичкото огледало???


Текстот е сублимат од постовите кои оригинално беа постирани тука и тука.

Jul 19

Tamara de Lempicka

Дарја го врткаше бастумот во раката. Се сети на денот кога го купи во една мала продавничка во стариот дел од градот. Во Синиот кварт, во улицата на липите. Сега стоеше пред истата антикварница чекајќи го странецот. Најинтересното тој ден не беше бастумот, туку сликата. Си спомна дека со пријателите еднаш се фотографираа наоколу, застанаа пред дуќанот, штракнаа неколку пози и заминаа. Кога го разви филмот, на сликата беше продавницата, но нив ги немаше. Дарја беше убедена дека тука стоеја додека се сликаа, но друштвото овој детал го прифати како шега.

Сега во истата уличка се имаше договорено да се најдат со странецот. Не знаеше ништо за него. Во препораката велии дека целта му е да го задржи имотот по секоја цена. Не знае зошто ја препорачаа кога таа не е ниту правник, ниту адвокат. Цел живот се занимава со чистење, конзервација и укоричување книги. Занает кој го наследи од својата баба, а таа од баба и, и таа од…

Дарја своите клиенти никогаш не ги носеше дома. Но овој пат се сепна од сопствените зборови: „Дали сакате да дојдете кај мене на ручек?”

*** ** ***

Дарја ја сакаше белата боја. Во нејзиниот стан сé беше во бели нијанси. Се почуди на себе си кога стави милје на секое од столчињата, на аглите од масата баклава, а во средината риба. Не паметеше дека баба и имаше таков обичај, а од неа научи за сите адети.

На малото масиче забележа кали. Помисли дека странецот ги беше донел додека таа го спремаше ручекот. Слушна дека излезе, но не го сети кога се врати. Се занесе со ручекот. Се сеќаваше дека баба и сакаше кали. Постојано ги купуваше, ги негуваше и постојано велеше дека на живи секогаш се подарува непарен број.

Ги преброја. На масичето имаше шест кали. И една илзитена фотографија. Од фотографијата ја гледаше еден стар, исцрпен, изнемоштен лик. Ликот на нејзината баба. Стоеше пред истата антикварница каде што таа го купи бастумот. Заедно со нејзините пријатели.

Tamara de Lempicka

Овој текст беше поставен на Кајмак.от од страна на корисникот strumjan. За статијата можете да гласате тука.

Jul 10

Има денови кога клепките ми паѓаат од умор. Тогаш седнувам да се опуштам во еден од објектите кои мајка ми ги замисли како нејзин мини-проект. Прво купи едни столици на распаѓање во отпадот на крајот од градот, па кога ги однесе кај мајсторот за поправка, jадниот се прашуваше од каде ли да почне да ги составува. Потоа ме влечкаше со денови по продавниците за платно, сунѓери, и разни други додатоци. Патентите требало да бидат овака поставени, штеповите онака сошиени.

,,Мамо немаме каде да ги ставиме овие гломазни столици. Целата гарнитура ќе ни го окупира станот”.

,,Нема, нема, така ќе ги распоредиме по собите што совршено ќе се вклопат во просторот”.

,,Ама мамо, јас немам намера да седам во антиквитети”.

Mислев дека сум попитома, но наместо помош стално и правев ситни опструкции. Каснев со скиците, забушавав со боите за дрвото, не ги набавував на време платната и еднаш намерно купив перничиња кои не одговараа. Во секој случај и се воодушевував на нејзината упорност. Од ништо да создаде нешто. Обично кај луѓето е процесов обратен.

Мојата мајка која е уметник по душа, и во душа, на крај доби барокни фотељи. И уморна ќерка. Уморна ќерка во барокна фотеља.