May 16

КАЈМАКЧАЛАН

Луѓе
раскорнете ја коскарницата
нека се затрчаат черепите
низ стрмните падини
на Кајмакчалан.
Велат,
на каменот изгорела тревата,
мајката го исплакала синот,
времето ја заборавило мајката.
Јас не знам кој со кого
и кој за кого во кој ден,
се кренал духот како магла
што пасе ноќе по присоите . . .
Дошле преку отворено море
да го срушат својот бран,
на Кајмакчалан.
Можеби до черепот лежи
черепот на тој што убивал,
черепите се слични
со каменот.
Јас не знам кој со кого
и кој за кого во кој ден,
но ова чудо од коски
ме плаши!

Оние кои не ја разбираат поезијата, имаат избор да не ја читаат. Но за оние кои ја сакаат, поезијата на Јован Котески е задолжителна литература.

Mar 17

Macedonian carpet

Оваа фотографија насловена како ,,Македонска черга” ја позајмив од сајтот на Проектот Растко – Македонија. Но доколку го користите google earth, тоа е многу честа слика доживеана низ визирот на оваа програма.

You have been google watched through the macedonian carpet

Изненаден
И Господ
Се прашува
Од каде толку убавини
И длабочини
Во стиховите
Македонски…
Дали од виното
Мајсторски превриено
Или од прекрасните жени
Кои кријат повеќе страст
Или има нешто Трето
За кое не слушнал
Некаква
Неправда
Па народот
Тајно
Создава
Свои вредности

Кире Неделковски

Доколку имате линк до помалку познат веб сајт кој адевкатно би одговарал на некој дел од текстот на песната, ве молам оствете го во коментар или на мојот мејл.

Aug 05


Кога го градеа манастирот
Мајсторите окна направија

Лачни.

Низ нив
Болката им влегуваше
И троа виделина
Од очи што им капеше.

Најсетне,
Очите кога им истекоа
Рој светулки и ѕвезди
Го населија манастирот
И се распршаа по

Сводот.

Михаил Ренџов – Нерези, пролетта 81

Клучни зборови: , , , , , , , , , , , , ,