Сакрално

Jan 14

Можеби е ова термин кој повеќето од вас ќе ве збуни, но секако е јасен исто како и оној оригиналниот - Обрезание на Исус Христос. Тое е еден од 12-те големи празници, и се слика по црковните канони после Благовештение и Раѓањето на Исус.

Според стариот еврејски обичај, машкото дете по раѓањето, на осмиот ден се носело во црква, каде се обрезувало при што потоа добивало име. Доколку не се случел овој адет Евреинот кoј не е обрезан се сметал за нечист и не можел да биде член на Еврејската заедница.


Сретение Господoво
Икона од XII век од иконостасот во манастирот “Св. Катерина” во Синај

Но на 14-ти Јануари според Јулијански календар не е само Обрезанието Христово. Тоа е денот кога се слави православната Нова Година (т.е. Стара Нова година) и ден кој е посветен на Св. Василиј Велики. За ова славење се имам изјаснето во еден претходен текст.

Многу нелогичности постојат околу термините за празнување на некои традиционални празници во православниот свет. Следејќи ги минатогодишните постовите на Кибицер - “Грегоријански v.s. Јулијански календар“, и на Волан - ,,Крив ни е календарот“, и јас да се произнесов по повод ова прашање. Во средновековното фрескосликарство исто како и во црковните канони, си постојат правила и редоследи како се сликаат некои икони и циклуси кои останале непроменети стотици години. Покрај другите, еден од највпечатливите циклуси е и оној на ,,12 Големи празници”. Тој почнува со: ,,Благовестие”, потоа со ,,Раѓање Христово”, ,,Сретение”, ,,Крштевање на Исус Христос”, итн…

Редоследот по кои се сликаат сцените е истиот оној кој е запишан во Новиот Завет. Чинам малку повеќе ни се изместиле репериве за прославување, зошто прво ја славиме Нова година кога Исус (веќе роден) го обрезале во храмот (т.н. Обрезание на Господ Исус Христос), за да неколку дена подоцна го славиме и официјално неговото Раѓање. Така да навистина нашето славење го гледам како крајно нелогично.



Сретение Господово
Црква Св. Ѓорѓи, Старо Нагоричане (кумановско), 14 век

Во продолжение накратко ќе ги опишам канонските правила како се слика и како можете да го препознаете Христовото Сретение во византиските цркви.

Во храмот под “небото” со купола стои трпеза, на која се гледа златна кадилница. Тука Св. Симеон Богопримецот го држи на раце бебето Христос и го благословува. Наспроти него, во близина на трпезата, стои Богомајката и му ги пружа рацете. Позади неа е Јосиф кој држи два гулаба. Малку подалеку од нив е пророчицата Ана која покажува на Христос и држи хартија со зборовите ,,Ова младенче ги создаде небото и земјата“.

May 28

Денеска некако ми тргна со афирмација на македонското културно богатство. Во овој случај се работи за статијата на Катерина Богоева од Утрински Весник насловена како Манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ држи чекор со времето.

 

Значи сепак ако се сака, може да се пишува и вака. :)

Линк до статијата


Препорачани линкови:- Манастир на свети Јоаким Осоговски - Крива Паланка
- Мeѓународна ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“
- Чествување на македонските светители, испосници и исцелители
- Останати статии од весници и блогови преки - Најди

May 06

,,и како и на секој преоден момент во годишниот циклус, се верувало дека ноќта пред Ѓурѓовден настапува време кога се будат демонските сили на хаосот , “небото се отвара“ и влегува во конфликт со земјата и тоа е време кога по магиски пат тие сили можеле да се искористат за стимулирање на плодородноста.

Ова е цитат изваден од еден пост на лотос за Ѓурѓовден, во врска со кој можам да го додадам следното.

Една година по некаква си наша потрага, јас и мојот пријател етнологот Димитриовски Вања отидовме во Демир Капија, барајќи податоци за пештерата Горен Змејовец. По обичај правевме муабет со селаните од локалните села по прашалник кој ние самите си го составивме, за да извлечеме релевантните податоци кои на нам ни требаа. Во овој случај тоа беше еден човек од с. Дрен, кој беше љубезен да ни одговори на повеќе од стотината прашања кои му ги поставивме. Тука постирам само дел од разговорот кој се однесуваше токму на Ѓурѓовден.

- А Ѓурѓовден каде рековте дека …?
- За Ѓурѓовден одиме во селото ? Пишница? горе. Таму се собират … панаѓур е тоа и прават … курбан … јагне таму колат.
- Тоа црквата го прави?
- Има домаќини …
- А јагнето од кого е, од црквата или од селото?
- Домаќинот што го бира црквата. Ваа година има домаќин, од другата година друг ќе ја земе. Така …
- И како се бираат домаќините?
- И така се бират, кој сака да даде прилог … кој ќе даде поише …
- А се даваат и пари за тоа?
- Е па сигурно дават, не знам јас … Кој како сака, … одгодина … самоволно се заречува, дај да бидам јас.
- Како на пример некој што се зарекол, зошто се зарекол, знаете ли за нешто?
- Детто ли, жената ли, … нешто … такви работи. Се заречуват - јас ќе ја гледам црквата една година или две години, за мое здравје да имам.
- После тоа откако бил домаќин, оздравува детето, на пример, или жената се едно.
- Сигурно имат оздравено. Не знаеме ние толку.
- А таму кога идете за Ѓурѓовден преспивате таму?
- Домаќинот има … кој што сакат си преспиват, некои жени кои сакат, а кои не сабајле ќе одат, ќе го истерат Ѓурѓовден и ќе се вратат, оти таму нема куќи … ги исселија, нема више. Таму има некои викендички, тие си се таму и можат една недела да си ?седат? … иначе другите ќе одат сабајле, вечер ќе се вратат.
- А тоа ли е постаро село од Дрен?
- Постаро е изгледа оти воа Дрен тука е населено наново. Воа село било поугоре, а има друго … се вика Стари Дрен.
- Дали е од турско или е од порано?
- Турско - порано … Не знам … па дали и старите го знаат тоа.
- А ти бабичке знаеш зошто пештерата се вика
- Змејовец се вика … оти ?,, бикофите”? … боските има на пример Змејовец?боски од крави, боски од кози, од сите животинки. Да сокапиш 3 ка ти се разболе детето или …, ќе го измиеш …
- Тие ќе ги измиеш - боските и водичката ја намачкаш?
- Тие боските што се во пештерата или?
- Тие од вода се направени … кога одат сите кршат за дома.
- Што капе има стожер така голем, што капе капка по капка … е таму горе (***заб. : најверојатно се работи за столбот во Долен Змејовец)
- Таа е лековита вода?
- Аха.
- А Змејовец, што значи Змејовец?
- Така се вика.
- Ама значи ли нешто тоа име?
- Има значење оти е лековито това.
- Ние мислевме да не има некоја прикаска?
- Не, не.
- Јас сум слушнал дека таму имало некој змеј што се скаменил?
- Можда имало, но ние не го знаеме. Во старо време можеби. Ние сме тука а не го знаеме тоа.

Покрај многу други работи тој кажа дека луѓето од таа околија имаат обичај (посебни нероткињи) да одат на Ѓурѓовден во споменатата пештера и да прават обичаи со кои би ја стимулирале својата плодност.

И како многупати до тогаш се соочив да видам на дело како мештаните слават верски обичаи кои потекнуваат од пред- христијанскиот период.

Рзговорот го имав запишано на диктафон. Интервјуто беше водено на дијалект и користам можност да му се заблагодарам на мојот професор Никос Чаусидис кој ми помогна при дешифрирањето. Најпровокативен дел од разговорот беше оној кога зборуваат за самовилите. Но тоа ќе го оставиме за друг пат.

Среќна слава и именден на сите што го прославуваат Ѓурѓовден.


Текстот е репринт.