Jul 23

Сакам да ви пренесам нешто кое е дел од мојот микроуниверзум повеќе од една деценија. И благодарам на една пријтелка на мојата мајка, која во склоп на нејзината работа, своевремено ми ги откри афирмациите.

Богатството на внатрешната мудрост

Сите ние некогаш и некаде поради одреден сплет на околности, сме се почувствувале како жртви. И кога тоа ќе се случи ние обично почнуваме да се изолираме. Тогаш најчесто ни се (по)јавуваат сите проблеми. Чувствуваме болка и страв и бараме нешто или најчесто некој кој би не спасил, т.е. некој кој тоа би го направил наместо нас. Но наместо тоа се што треба да направите, е да се свртите кон себе си.

Една народна поговорка вели:,,најдобриот лек е секогаш оној наједноставниот”. Постојат повеќе методи како да се вратите на стариот колосек или можеби да отидете еден чекор напред. Еден од нив е користењето на афирмации. Сите алтернативни ментални дисциплини како силва, екскалибур, креативна визуелизација и т.н., како основа на своите методи ја користат – афирмацијата. Доколку не сте се сретнале со ова досега, афирмациите означуваат јасни, позитивни сугестии кои си ги даваме самите на себе си заради постигнување на одредена промена во својот живот. Оној момент кога ќе почнете да изговарате афирмации, излегувате од улогата на жртва. Веќе не сте беспомошни и ја потврдувате својата сопствена моќ.

Афирмации

Афирмациите се почетна точка. Тие ни ги отвораат патот. Со нив на нашата подсвест и кажуваме:,, Сега ЈАС ја превземам одговорноста за себе”. ,,Свесна сум дека постојат многу работи што ЈАС можам да ги сторам”. Ако продолжите да изговарате афирмации, вие или ќе станете спремни во потполност да се ослободите од нешто што ве мачи, што и да е во прашање, или ќе ви се отвори некоја нова врата. И сами знаете дека една затворена врата, отвора десет нови. Можеби на памет ќе ви падне некоја генијална идеја. Или можеби ќе ве повика некој пријател и ќе ви каже : ,,А дали некогаш си го пробала ова?”. Во секој случај ќе ви се укаже следниот чекор кој ќе ви помогне во понатамошната работа, доколку сакате да ,,оздравите”.

На кој принцип работат афирмациите? Тие делуваат на нашата подсвест, сакале да го признаеме тоа или не, а тоа е нешто што е добро за целото наше битие. Факт е дека повеќето од нас водат скоро непрекинат ,,дијалог” во себе. Нашиот ум разговара сам со себе, без престан коментирајќи за животот, светот, нашите чувства, нашите проблеми, другите луѓе и.т.н. Зборовите и идеите кои ви проаѓаат низ умот се многу важни, но поголем број од луѓето воопшто не обрнуваат внимание на нив. Употребата на афирмации ви дозволува да започнете замена на некои од вашите застарени, истрошени или негативни внатрешни разговори, со позитивни идеи и концепти. Тоа е една моќна техника која е во состојба за многу кратко време да ги трансформира вашите негативни ставови и со тоа потполно да го измени вашиот живот како и она што го создавате за себе.

Примената на афирмациите воопшто нема да ве чини ниту денар, а може да ви го промени животот од корен. Може да ги применувате во мислите (немо), гласно да ги изговарате, да ги запишувате, па дури и да ги пеете. Најмалку што ви треба се само десеттина минути дневно. Секако дека треба да бидете свесни за тоа што го ,,кажувате на себе си” и да бирате позитивни зборови бидејќи тие ќе ви помогнат да создадете позитивна реалност за тоа што го сакате.

Афирмација може да биде било која позитивна изјава. Немојте да се преоптеретувате и нешто посебно да смислувате. Таа може да биде уопштена, или доста конкретна. Но кога работите афирмации треба да водите сметка за неколку важни работи:

1. Секогаш кажувајте ги во сегашно време, а не во иднина. Важно е да ги создадете така како веќе да постојат.
2. Секогаш изразувајте ги на најпозитивен начин. Така ќе го потврдите она што навистина го сакате, а не она што не го сакате.
3. Направете ги да бидат едноставни и кратки. Треба да бидат јасни, а со тоа ќе бидат и поефикасни.
4. Секогаш бирајте афирмации кои се ,,вистинските” за вас. Тоа што ќе му користи на еден, можеби нема на некој друг. Прилагодете ги на себе.
5. Секогаш имајте на ум дека кога работите афирмации, создавате нешто ново и свежо.
6. Намената на афирмациите не е да делува во спротивност со вашите емоции или да пробате истите да ги промените. Тие само ви помагаат да оформите нов став кон животот.
7. Кога ги користите направете што е можно поверно чувство дека тие можат да бидат вистински.

Некои малку совети

Кога ги работите афирмациите за да постигнете позитивни промени во животот, постои дел од вас кој не верува дека сте за тоа вредни. Таквите афирмации нема да вродат со плод. Ќе стигнете и до моментот кога ќе помислите ,,Афирмациите не делуваат”. Но тоа нема врска со делувањето на афирмациите. Во прашање е фактот дека вие самите не верувате дека заслужувате подобро. Конечно треба да станете свесни за тоа што го сакате и во што верувате. Вие го заслужувате најдоброто. Но одговорот нема да го најдете во надворешниот свет. Ќе го најдете во внатрешноста на вашето битие.

Ова е една рамка за афирмации која многу ми се допадна. Наместо да ја праќам исполната со позитивни изјави на своите пријатели, се одлучив да ја подигнам тука на сајтот, да биде за сите достапна. Можете да ја испринтате и во неа да си впишете позитивни реченици. Оние кои се технички подобри, тоа може да го сторат и во фотошоп. Ви посакувам убав ден и живот исполнет со ведрина и оптимизам. Всушност ви го посакувам истото што би си го посакала и себе си. :)

Apr 27

Што има Тибет? Тибет има свои лами, монаси и манастири. Има своја висорамнина, свои Јангце, Хоанхо, Инд и Ганг. Своја традиција, јазик, империја, знаме. Свои воени конфликти, своја книга на мртвите … Но Тибет има и свои практични ритуали.

Tibetan rites

Секое тело има седум енергетски центри или чакри. Визуелно можеме да ги замислиме како невидливи енергетски полиња кои се вртат. Секоја чакра  е во одредена врска со седумте ендокрини жлезди во човечкото тело. Познато е дека овие хормони управуваат со сите телесни функции, вклучувајќи го и процесот на стареење. Не сум сретнала некој досега што не сака да остане ,,вечно млад“, и покрај тоа што знаеме дека процесот на стареење е неминовен и природен.

Тибетантските ритуали или популарно наречени Т5Т (The Five Tibetans) не претставуваат ништо чудно и мистично. Тоа се всушност пет мали практични вежби кои се од огромно значење за нашето тело бидејќи ги раздвижуваат сите негови витални делови со едноставни и елементарни движења. Тибетанците се вежбаат независно од полот, возраста и пропратните болести. Биле практикувани со стотици години наназад пред да ги открие ,,белиот човек” од Западот.

Ritual de lo habitual

Кажете ми колку пати дневно правите дома ритуали? Пиење на кафе, туширање, местење на косата. Па дури и преслекувањето на мислите е своевиден ритуал. Колку пати сте биле во дилема да го промените својот ритуал, неговиот редослед, па ако сакате и неговиот крај? И ако имате некоја ,,лоша” навика запрашајте се зошто ви служи? А што би се случило ако се ослободите од неа или евентуално ја замените со некоја подобра?

 

Ритуалот како ритуал има своја психолошка вредносна единица доколку не му робувате. Може да стане корисна навика под услов да останеме свесни за неговите предности. Психолозите пресметале дека некоја работа да прерасне во навика, потребно е да се повтори точно 21 пат. Тибетанците исто така се повторуваат 21 пат. Very very happy coincidence, I would say. :)

Тибетанците ги научив одамна од Чен. Чен ја паметат веројатно сите кои вежбаат tai chi cuan во Скопје, а богами и многу луѓе кои живеат во Стар и Нов Аеродром. Честопати имаше обичај да пешачи покрај кејот на Вардар во овие населби движејќи се наопачки, наназад со едно стапче во раката кое стално го моташе. Чен замина (мислам во Романија) но ни го остави своето наследство кое веројатно го носела во својот ген со генерации. Честопати велам дека многу паметни работи дошле од истокот, а Тибетанците се веројатно една од најмоќните за добробитот на целото човештво.

Short description

Вежбите се практикуваат во непарен број (по 3,5,7 пати …) се додека не се стигне до бројката од 21 пат за секој ритуал посебно. Во почетокот додека телото се навикне потребно е да се почне со вежбање на секој ритуал барем по три пати дневно, а потоа може секоја следна недела да зголемувате за по два пати без лимитирање во кој период од денот се прават. Важно е да се работат последователно, но доколку некој не може да извежба некој од ритуалите, може да се изостави. Тибетанците се вежбаат без некој поголем напор и се прават со онолку енергија колку што може да вложи телото.

Reccomendation

Првото нешто на кое треба да внимавате, тоа е вашето тело оти треба да ве служи до крајот на животот. Во здраво тело здрав дух, нели вели старата поговорка. Со секојдневно практикување на тибетанците се подобрува не само вашето физичко, туку и емоционално, ментално и спиритуално ниво. За почеток можете, но и не морате да го посетите вашиот лекар за консултација, но секако би било добро да се информирате што всушност претставуваат овие пет мали вежби. Колку што ми е на мене до сега познато, единствен извор на податоци за овие прастари тибетантски ритуали кои претставууваат клуч за одржување на младоста, здравјето и виталноста е книгата Фонтана на Младоста од Петер Калдер која ја аплоудував во две верзии (со српски превод). Па не чекајте нешто да ве заболи. Само напред, подобро е било што да се спречи, отколку подоцна да се лечи.