May 26

Решив денеска да го изненадам. Прв пат се нафаќам на ваква предигра со состојки. Зедов вода и ја зоврив. Ставив во неа пет мали лажички чај и исто толку лажички кафејав шеќер. Исцедив сок од портокал и ја освежив содржината со мало шише на газирана минерална вода. Во позадината го почувствував вкусот на парчињата портокал и манго, кој го поддржува чувството на свежина. Добив шоља исполнета со светлозелена нијанса и мирис на мармалад од портокал, чајно дрво и некои други бобинки. Чајот во чашата созрева, а коцките мраз кои ми се слеваат низ прстите полека бојата му ја менуваат. Одлучив да додадам цветови од невен, и додека мирисот станува покомплексен, си дозволувам да вклучам тонови на sencha и pai mu tan кои вкусот во устата го омекнуваат, и го прават финишот на чајот помек и подолготраен. Во меѓувреме најдобриот дечко на светот се сврте, а погледот му се пресече од рабовите на мојата насмевка. Ме погледна под око и рече: ти правиш чај или порно? :)

Фала на LaSoy Aromatherapy Shop за инспирацијата :)

Mar 14

Златни полиња и жито во изобилство
во папокот на светот
над карпите под ѕвездите
пред светиот род…

се поклонувам

Во бескрајното море на светлината
фрлам латици во земјата на воздишките
со капки од роса ги мијам очите
и боса танцувам крај огновите.

Им принесов жртва на боговите
ги молев за милост да те воскреснат.
Денес се случи нешто убаво
Се роди ,,Адам”
од Говрлево

12.06.2006, Говрлево

*     *     *

Рецензијата за Адам од Македонија можете да ја прочитате тука.

Текстот беше публикуван во македонското списание Комплетна, а неговата скратена и преработена верзија e поставена на Макeдонската Википедија.

Адам Од Македонија

Jul 24

Пред некој ден шетајќи низ градот, имав сосема случајна можност да го сретнам проф. Владимир Величковски, кој додека студирав ми предаваше некои од предметите поврзани со уметноста. Со него носеше една актовка, а во неа архивиран бројот на Нова Македонија, од 2. Јуни 2010 година, во кој пишува за неговиот поклон кон рок ѕвездата Боб Дилан.

Инспириран од музиката на Дилан уште од рани години, следејќи ја неговата кариера повеќе од четири децении, проф. Величковски насликал повеќе од 30 портрети на познатиот пејач, и како што можев да забележам, неговиот восхит е се уште со несмален интензитет. For the record, Дилан поклонот го примил кога го одржа концерот во Скопје, како дел од неговата светска турнеја.

За оние кои не знаат, Владимир Величковски покрај тоа што е ликовен критичар и теоретичар на современата уметност и редовен професор на Катедрата по историја на уметноста на универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, тој исто така е и сликар кој честопати изложувал, групно и поединечно. А некои негови платна кои сум имала можност да ги видам, мене лично ептен ме бендисуваат.

Линк до написот: Скопје ќе се запише во концертниот ветер на Дилан