Apr 05

Сите заедно ја видовме Ана во септември, во Ајриш Паб. На прошталната средба. Имаше познато одредиште, со непознат исход. Ние по малку од секаде, блогери, лични пријатели и уште по некој. По кој знае кој пат се спремаше да оди на пат за Авганистан и сакаше да се збогува привремено од нас. Не знаевме дали уште еднашка ќе ја видиме. Сепак безбедноста е првото и последното нешто што го помислувате секој ден додека сте во оваа блискоисточна земја. Искрено, не знам на кој јазик ги запишувала Ана оригинални мисли, но некако на македонски ми звучат поавтентично. Или јас сакам да си мислам дека е така.

Текстовите ги читав многу подоцна. Со нив одвреме навреме ќе доживеев како да сум во некоја од приказните на 1001 ноќ. Имаше делови кои ме насмејаа, но и ме расплакаа. Убави прикаски, иако не толку безбедни и не секогаш со среќен крај. Одличен водич за доживување, но и за преживување на Авганистан. Пред мене се отвори еден интензивен свет во кој како што вели самата Ана ,,дури и на најнеочекуваните места може да се сретне нешто живо”. Во Авганистан секој божји ден е ден на соочување со смртта. Таа е ваша љубовница, но и најдрзок непријател. Како ли живеат тие луѓе? Колку време е потребно човек да се одвикне од смртта? Та нели ако има навика, има и одвика од работите!

Постојано се прашувам зошто овој текст ми остави најголем впечаток. Токму овој од сите записи. Можеби причината е затоа што и јас како Ана постојано патувам. Патувам многу. Во себе и ,,вон себе”. Патувам толку често што веќе сум заборавила дали јас се придвижувам, или светот околу мене се менува, а јас сум помалку динамична, но сосем доволно колку да не бидам статична.

Кој е поводот за патувањата? Не е тоа дека јас сакам да си отидам оттука. Туку дека сакам да бидам насекаде. Можеби тоа е главната причина зошто станав археолог. За да ги доловам бесценетите мигови на минатите и сегашните животи. И уште еднашка низ призма на моето битие да ги преживеам древните моменти исполнети со мистерија.

Имам едно правило во животот. Не само што не пропуштам можност за патувања, туку никогаш не пропуштам било какви можности кога ми се укажуваат. Од една проста причина. Не сакам некогаш кога ќе остарам да си кажам себе си, тогаш и тогаш можев да го направам тоа, а не го сторив. Не сакам никогаш во животот да си кажам дека сум имала можност, а сум ја испуштила. Зошто да се каам дека не сум сторила нешто, што сум можела. Тие мали фрагменти го комплетираат мозаикот на мојот живот. Тие се делови од целото. А целото го имам јас во мојата дланка. Можеби тоа е вистинската причина за моите патувања. Секогаш кога ќе ја подигнам дланката да го поздравам овој прекрасен свет.

Морам да кажам дека кога јас последен пат ја видов Ана, таа изгледаше посамоуверено од било кога. Смирено и гордо беше дел од настанот во библиотеката ,,Браќа Миладиновци” по повод промоцијата на нејзината книга. Тому така. ,,Авгански дневници” е насловот на книгата на Ана Пејчинова. Една од четиринаесетте книги кои си го најдоа местото во историската едиција ,,Блог-записи” на издавачката куќа ,,Аквариус пет” од Скопје. Во нив е пренесено личното искуство на оваа млада дама која неколку години од својот животот поминала на гурбет во една далечна и необична земја. Се надевам дека ќе најдете време да ги прочитате овие неверојатни импресии. Нека допрат до вас. Можеби ќе ве натераат да поместите некои лични ограничувања и предубедувања, мислења и предрасуди кои сте ги имале досега за Авганистан.

Mar 29

Kонечно се случи најглавното убиство во блогосферата. Tекстовите на одредени блогери пишувани исклучиво он лајн, се заробија засекогаш помеѓу двете корици на една книга, умирајќи достојно за простветлувањето на сите оние кои мислат дека се тоа дела на некоja чудна асоцијална интернет секта.

Публиката бројна, достојна за еден оваков настан, пријатно расположена и љубопитна околу идентитетот на одредени блогери. Домаќинот на ниво. Не удостои со организиран простор, освежување на крајот од промоцијата и малку утнато осветлување. Газдарицата на издавачката куќа Аквариус Пет беше волшебна, а морам да напоменам дека како за промоција на еден ,,мртов Археолошки дневник” промотерите беа некако многу ,,тремаџиски” расположени.

Не снимаа со камера кога ги пишувавме посветите. Добив прекрасни комплименти од моите колеги со-блогери. Ми падна еден кактус боцкаво распостилајќи се по подот на библиотеката, па морав да се правдам дека земјата е моја природна работна околина. Дававме интервјуа, ама мене тоа ми беше малку па подоцна во неофицијалното афтерпарти ги ,,тероризирав” присутните со 15 минутен хвалоспев за мојот блог. Вечерта на журката си ги скинав хулахопките како последица на блиц шоуто што ни го приреди еден колега блогер. Kолатералната штета на тој настан е што ,,привремено ослепев” и првите пола саат од забавата ми се избришани од сеќавање. :)

Но најмногу од се, повеќе дури и од самата промоција, ме израдуваа моите пријатели и роднини. Нивното физичко присуство ми беше поважно од овој настан. Поклонетите розите кои ги добив, топлите зборови, нивните бакнежи и гушки не можат да заменат никаква ,,привидна популарност” од било каква промоција.

Темплум, Ѓурѓа и Аквариус го повлекоа првиот потег со публикување на блогови во вид на книги. Прочитај повеќе »

Mar 24

кликни на сликата за подобра резолуција