Aug 14

Најдовте ли нешто? Нема ништо ново во “земјата”! Професорот имаше чистокрвен смисол за хумор, посебно на локалитет од праисторијата каде можеше да се пронајдат само коски од животни и камени артефакти. Ме фаќаше паника кога требаше да се попишат сите наоди на теренот во еден ист слој. Кота, мапа, цртеж, налепници, фолдери, кутивчиња, сигнатура, бројка, ниво, откопен слој, само да не се погреши редоследот. Ги изместувавме артефактите од нивната природна состојба. Како сведоштво остануваа документацијата, фотографијата и скицата. Да соработуваш со природата (не) значи од неа да ги позајмиш материјалите неповратно. Бидејќи враќање на претходната ситуација не е можно. Како казна секоја вечер пред очите ми се мотаа илјадници камчиња. Речни, песочни, округли, помалку плоснати, ретуширани, откршени. Ги замислував пријателски настроени. Ако каменот е најдобриот молчелив пријател на човекот, тогаш колку камења собравте денеска, во шега рече професорот?

Моето работно место во Мујина печина,
пештера во близината на Трогир, Хрватска, 06.2003

Не си земај за зло да помислиш и дека е вистина, иако може да е сѐ само фикција …

Mar 09

Седев пред саркофагот и збунето ги фаќав прибелешките во теренскиот дневник. Материјал, непознат, потекло, непознато, период, непознат. Без минато и без иднина секаков дијалогот беше залуден. Само јас и саркофагов на пустиот рид. Никој не го побарал ова рељефно обликувано парче на камен со столетија. Се што можев да дијагностицирам беа бледи претстави од уништени ликови кои некогаш ја краселе надворешноста на овој споменик. Ме стемни и сенките се прелеваа врз површината кога го видов прорезот. Зјаеше. Изгледаше повеќе како клучалка низ која можеше да се ѕирка. Можно ли е после толку векови да се отвораат портите од времињата минати? Се спуштив до првото населено место Се надевав дека ќе го пронајдам одговорот. Со застоен воздух, ѕидови од плитар и слама на подот, гостилницата изгледаше постаро од самиот саркофаг. Потпорите беа кревки, масите се распаѓаа, а место столчиња имаше трупчиња. Гостилничарот не го ни сетив. Се создаде покрај мене бесшумно и ме простела со поглед стар стотици години.

Не си земај за зло да помислиш и дека е вистина, иако може да е сѐ само фикција …

Jan 03

Веќе седми ден на терен се вртевме во круг. Откривме едно чудо подградија, градишта, цркви, остатоци од замоци, утврдувања и патишта. Ама градот не го пронајдовме. Ќе станевме во 4:30 и веќе во 5 часот секоја изутрина натоварени со теренските белешки, археолошките алатки и топографските карти ја започнувавме потрагата. Како маглата надоаѓаше, се потешко движењето стануваше. Амбиентот го надополнуваа ситниот дожд, лизгавоста на почвата и косината не теренот. Секој ден се враќавме со по 10 модрици од грмушките кои не напаѓаа попатно. Баравме град за кој историчарот од древнините запишал дека има водовод, божји храмови, згради управни, плоштади со тремови, улици, бањи и дуќани. Бил создаден да биде градот на градовите во царството. Мислата низ главата ми помина молњевито. А што ако никогаш не бил направен и историчарот имал пред себе макета која ја опишувал? Се с(пр)епнав. Само што ја промашив влезната порта од акрополот со натпис испран од секакво сеќавањe …

Не си земај за зло да помислиш и дека е вистина, иако може да е сѐ само фикција …