Dec 29

Морав да ги прибележам сите податоци. Од каде е пехарот, како е направен, со што е декориран, кои му се метриките и да му дадам инвентарен број. Белешките натежнаа од информациите. Се шетав низ издолженото и зарамнето плато од Калето барајќи ги трагите. Наод без археолошки контекст нема значение, велеше професорот. Предметот беше од еден, а тврдината од сосема друг период. Ги делеа милениуми. Но овој пехар беше навистина посебен. Во горниот дел имаше квадратна форма и благо закосени ѕидови. На четирите краја од чинијата на пехарот беа поставени доста добро изработени четири птици, помеѓу себе споени со четири лачни спојки, со кружен пресек. Пехарот имаше светло кафена боја, а полираната површина му беше доведена до сјај. Птиците беа насликани со жолта и црвена боја, а на четирите спојки со графитна боја имаше линеарен мотив, кој се обвиткуваше околу лакот. Зошто мора да се чува во тајност занаетот за највештите луѓе во светот? Професорот само ги подигна раменицита, а јас го извадив својот избледен нотес.

Не си земај за зло да помислиш и дека е вистина, иако може да е сѐ само фикција … 

Dec 25

Замокот беше стар и запуштен. Се чудевме како преживеал во оваа недојдија. Имало многу замоци во средниот век, ама биле градени од трошна материја, па скоро ниту еден не опстанал. Во шанецот некогаш исполнет со вода, сега се капеа искршените камени натписи од гробиштата, носејќи ги со себе тајните на нивните сопственици. Одненадаш, од никаде и непоканет изникна еприграфичарот. Носеше од оние мали убаво обликувани длета и едно чудно четкиче. Велеше буквите од плочите го искривиле накосо оти биле пишувани во курзив. Искуството низ кое поминувавме одвреме навреме на терен ми велеше да ја послушам неговата интуиција. Таа вечер беше како магловита зима во сон, сонувана, многу пати отсонувана кога го погледнав натписот. А всушност го барав записот кој доцнеше со столетија. Морав да земам лупа и двојно огледало за да го прочитам. Теренските белешките ги задолжив кај клисарот. Во малата црква до тврдината. Послана со слана и заспана засекогаш по овие беспаќа. Но тајната преведена на сите човечи јазици – веќе ја имаа разбрано мудреците од целиот свет.

Реконструкција на средновековната тврдина во Велес

Не си земај за зло да помислиш и дека е вистина, иако може да е сѐ само фикција …

Dec 23

Сондата ја поставивме лево од центарот. Ако некогаш ова пространство од археолошки локалитетот воопшто имало центар. Сега наместо житарките имаше профил од два и пол метри кој зјаеше од сите страни наоружан со предмети кои едвај чекаа да се измолкнат од земјата. Како деновите минуваа, така работниците се стишуваа. Веќе со денови бесшумно се движеа низ матриксот од слоевите симнувајќи наслага по наслага. Ме загрижи состојбата на теренот. Почвата мекнееше како да сакаше да ни ги вдоми сите шпаклички и четкички со кои ја вознемирувавме и обликувавме глинестата површина. Гледав како се појавува обликот под врвовите на неговите прсти, додека ја тресеше прашината од еден керамички сад кој не бил вознемирен скоро четири илјади години. Секогаш на исто место и скоро секогаш во исто време. Ќе почнеше да кива, па ќе добиеше напад на кашлање. Ќе се осипеше со илјадници мали руменила кои хаотично со брзина на перцепцијата се распотилаа низ кожата. Во тие денови немаше спас. Ги оставав белешките на страна и велев “Викнете го палинологот да земе проба. Во овој културен слој мора да има полен”.

Не си земај за зло да помислиш и дека е вистина, иако може да е сѐ само фикција …