Jul 10

Има денови кога клепките ми паѓаат од умор. Тогаш седнувам да се опуштам во еден од објектите кои мајка ми ги замисли како нејзин мини-проект. Прво купи едни столици на распаѓање во отпадот на крајот од градот, па кога ги однесе кај мајсторот за поправка, jадниот се прашуваше од каде ли да почне да ги составува. Потоа ме влечкаше со денови по продавниците за платно, сунѓери, и разни други додатоци. Патентите требало да бидат овака поставени, штеповите онака сошиени.

,,Мамо немаме каде да ги ставиме овие гломазни столици. Целата гарнитура ќе ни го окупира станот”.

,,Нема, нема, така ќе ги распоредиме по собите што совршено ќе се вклопат во просторот”.

,,Ама мамо, јас немам намера да седам во антиквитети”.

Mислев дека сум попитома, но наместо помош стално и правев ситни опструкции. Каснев со скиците, забушавав со боите за дрвото, не ги набавував на време платната и еднаш намерно купив перничиња кои не одговараа. Во секој случај и се воодушевував на нејзината упорност. Од ништо да создаде нешто. Обично кај луѓето е процесов обратен.

Мојата мајка која е уметник по душа, и во душа, на крај доби барокни фотељи. И уморна ќерка. Уморна ќерка во барокна фотеља.

Jul 06

Немав време да губам време. Морав во 17:30 h да се видам со човекот. Дури и датумот кога ќе се сретнеме беше однапред запишан во ѕведите. Само чекав да дојде моментот.

,,Знаете мадам, кога човек доаѓа кај ведски астролог, обично е пред добивање на свесноста. Тоа е период кој трае околу 7 години. Во овој временски интервал многу работи ќе се променат во вашиот живот. Веќе првата година поминала. Ова се преломни моменти кога сваќате дека немате време за губење на време. Но ќе ме разберете дури следната година ова време. Сега сте во состојба кога моите зборови ги слушате, но не стигнуваат до вас.

Удобно сместена во фотељата седев и го гледав. Свесност? Каква свесност, а не бев ни свесна за тоа?

,,Гледајте вашите поволни денови да ги комбинирате со пријателска помош и кариера која во случајов би била пропратена со успех. Во тие денови ќе почувствувате задоволство и ќе бидете опкружена со големо друштво. Искористете ја информацијата што однапред знаете кога вашата енергија ќе биде на најниско ниво. Така сте во голема предност кога ќе настапат неповолните денови.”

Ми заѕвони телефонот.

,,Мила, ние се собираме на промоција. Почнува во 19 часот.” Уф. Сфатив дека ќе задоцнам. Морав да тргнам. Му заблагодарив на астологот и излетав.

Немав време да губам време.

Jan 29

“Во понеделник во 12:30 одиме во Генераторот. Таму ќе ја завршиме работата.”

“Добро” – реков.

“Само да знаеш дека можеби ќе потрае повеќе од еден час.”

“Тоа не е ништо. Јас последниве девет месеци поминав низ пекол. За уште еден саат ќе издржам.”

Потоа повеќе не се сеќавам дека можев да гледам. Само на почетокот забележав како точките пред очите забрзано ми мигрираат. Ги ловев мислите, но тие се распаѓаа со брзина поголема од онаа на крлушките од рибата кога се преслекува.

“За воља на вистината, и мене ми недостига понекогаш.”

“Не е тоа баш секогаш.”

“Но еве токму сега, е тоа понекогаш.”

 

Ме смрзнаа зборовите. Згора ништо не гледав. Од анестезијата. Си мислев што треба во тој момент да ми биде анестезирано за да издржам – погледот или срцето.

Уф, јас сум колекционер на воздишки. Со теков на годиниве доволно умешно ги собирав и доволно уморно се чувствував. А ѓаволски е тешко се што имаш во животот да сакаш еднаш. А се што сакаш да го изгубиш два пати.

Паметиш ли дека јас ти го дадов секој дел од мене, кој беше мал дел од нештата. А нештата беа мал дел од светот. А светот… А светот го имаше ти, во твојата дланка.

Целиот мој мал свет.

———————-

Мислам дека дури тогаш заспав.

01:20
29.01.2007

All that is not given, is lost…forever.