Apr 27

Што е вистина, што реалност, а што судбина? Од вистината можеш да извадиш онолку колку што ќе ставиш во неа. Од реалноста онолку колку што можеш да сносиш последици. Но секоја вистина носи последици. Значи реална е онаа вистина која носи последици. Дури тогаш сваќаш дека е вистинита. Мислам на реалноста. Инаку од каде ќе знаеш дека е реалноста вистинита ако ги нема последиците? А што правиме тогаш со судбината?

Куферите беа скоро спакувани, картите букирани, чекав само да дојде денот кога ќе отпатуваме таму далеку на ориентот. Отсекогаш сум сонувала да се разбудам во вечно лето. Тука во градов, нестоплена, неприпитомена, никогаш не успеав да се адаптирам, иако мојата фамилија е присутна со генерации. Овој град секому прави да се чувствува крив дури и без презумпција на невиност.

И тогаш ми се случи средбата. Со астрологот. Б. е крива, знам, ама и таа средба да ти била однапред запишана во ѕвездите, како и онаа другата.

„Вашиот знак мадам влегува во полето на судбинската љубов и таа ќе се појави сега некаде од почетокот на мај, па до средината на август. Запишано е дека овој тип на љубов во вашиот живот е циклус што кај вас се случува еднаш на 30 години, но претходниот пат сте биле многу мала, а после 30 години ќе биде многу доцна.“

from_here_to_nowhere

Мотав паметни мисли низ главата. Знам дека е можно вистински во еден живот да се сакаат повеќе луѓе, но ѓаволски е тешко тоа да биде баш во исто време.

„Знаете господине астролог, ви благодарам за интерпретацијата, но јас веќе ја најдов мојата животна љубов и со нетрпение чекам заедно да се отселиме и да почнеме одново да создаваме наше катче далеку оттука.“

„Како знаете дека е тоа вашата реална љубов, а не онаа вистинската?

Ме замисли астрологот. Има неколку вистини, мојата, твојата и онаа која никогаш нема да ја дознаеме. А реално може да постојат и повеќе вистини. Тогаш како ќе препознаеме која е правата вистина? Онаа во која ќе одбереме да веруваме или онаа која се обидуваме да ја избегнеме? Но честопати се случува губејќи се на патот кон својата судбина за да ја избегнеме вистината, токму на неа налетуваме. На животната трка со пречки, каде препреките на патот кон спознанието на вистината се како мостови. Некои мостови се преминуваат, а некои за да ги преминеш мораш да ги запалиш.

Многу е лесно да се филозофира и да се даваат совети, но најтешко е тие да се спроведат во прво лице еднина. Следно што знам е дека не ја запалив авионската карта, ама ја запалив колата. Закажав средба таму доле на југот од државата и отпатував во градот на ‘ѕвездите’, да ја сретнам ‘судбинската’ љубов од минатото, оти така било запишано во ‘соѕвездијата’ од сегашноста.

15:20
27.04.2015

Apr 25

 

Можеш да ги лажеш луѓето и да проектираш кај нив идеална слика за себе, се додека не седнеш на маса наспроти некој – кој само што ќе ти погледне во очите, ќе ги види сите твои желби, стравови, надежи и фрустрации. За да го излажеш светот, мораш пред се’ да се излажеш себе си толку добро, инаку твојата лага не би била уверлива и убедлива. Но знаеш што, јас лично не познавам човек на кој не му е тесна оваа кожа што ја носи!

my eyes

Apr 17

Во септември 2014 год. бев на голема конференција на ЕАА во Турција. Престојував цела недела во Истанбул, а последниот ден пред летот заминав на прошетка низ еден скоро непознат историски дел од градот. Една година претходно со тимот на HAEMUS најдовме локалитет на Скопска Црна Гора кој го крстивме Балкалија според блискиот топоним, па ми остана аманет од Македонија да ја посетам оригиналната црква на Св. Богородица-Балкалија.

Balakija and Black Madonna

На сите патувања по светот сум имала скоро секогаш необични искуства, но ова беше едно од најавтентичните. И било пишано, или било запишано ете баш мене да ми припадне честа да имам прекрасна копија од иконата на Црната Богородица (заштитничка на Полска). Во дворот на црквата Балаклија, која се наоѓа нешто малку надвор од оригиналното обѕидување на царот Константин, затекнав пар од Полска, Рафал и Ула Контовски. Седеа во градината со лист хартија на кој имаше запишано три града на К (=C) во кои застанале додека возеле (Крајова, Кавала, Константинопол), иницијалите В. на којшто треба да ја даруваат иконата и правецот од каде треба да дојде оригиналниот сопственик–>Балкан. Во амбиент за мене скоро нестварен во околина преполна со артефакти од времиња минати, со чувства помешани и зборови недокажани … со едно кафе полусонливо во градината отспротива која се капеше од рози … иконата на Црната Богородица замина со мене во Македонија. А сеќавањата и мислите ми останаа во Балаклија. А понатаму … се прашувам каде ли заминуваат сите нераскажани приказни за археологијата …  :)

Честит празник!