Apr 17

Во септември 2014 год. бев на голема конференција на ЕАА во Турција. Престојував цела недела во Истанбул, а последниот ден пред летот заминав на прошетка низ еден скоро непознат историски дел од градот. Една година претходно со тимот на HAEMUS најдовме локалитет на Скопска Црна Гора кој го крстивме Балкалија според блискиот топоним, па ми остана аманет од Македонија да ја посетам оригиналната црква на Св. Богородица-Балкалија.

Balakija and Black Madonna

На сите патувања по светот сум имала скоро секогаш необични искуства, но ова беше едно од најавтентичните. И било пишано, или било запишано ете баш мене да ми припадне честа да имам прекрасна копија од иконата на Црната Богородица (заштитничка на Полска). Во дворот на црквата Балаклија, која се наоѓа нешто малку надвор од оригиналното обѕидување на царот Константин, затекнав пар од Полска, Рафал и Ула Контовски. Седеа во градината со лист хартија на кој имаше запишано три града на К (=C) во кои застанале додека возеле (Крајова, Кавала, Константинопол), иницијалите В. на којшто треба да ја даруваат иконата и правецот од каде треба да дојде оригиналниот сопственик–>Балкан. Во амбиент за мене скоро нестварен во околина преполна со артефакти од времиња минати, со чувства помешани и зборови недокажани … со едно кафе полусонливо во градината отспротива која се капеше од рози … иконата на Црната Богородица замина со мене во Македонија. А сеќавањата и мислите ми останаа во Балаклија. А понатаму … се прашувам каде ли заминуваат сите нераскажани приказни за археологијата …  :)

Честит празник!

Mar 14

Златни полиња и жито во изобилство
во папокот на светот
над карпите под ѕвездите
пред светиот род…

се поклонувам

Во бескрајното море на светлината
фрлам латици во земјата на воздишките
со капки од роса ги мијам очите
и боса танцувам крај огновите.

Им принесов жртва на боговите
ги молев за милост да те воскреснат.
Денес се случи нешто убаво
Се роди ,,Адам”
од Говрлево

12.06.2006, Говрлево

*     *     *

Рецензијата за Адам од Македонија можете да ја прочитате тука.

Текстот беше публикуван во македонското списание Комплетна, а неговата скратена и преработена верзија e поставена на Макeдонската Википедија.

Адам Од Македонија

Apr 04

Јас плачев
над глава светлина ми капеше
за рака фатени
под миросувањето поминавме
Влегов меѓу ѕидините
со писанијата од псалмите

часовникот отчукуваше
ветрот запре, но умот се движеше

не сетив кога ме изнесоа

повеќе не стапнав
до целта стасав
и молчев тажна на патот без премин
и чекав да дојде редот на тебе!

04.04.2010 Недела (Велигден)