Jan 14

Можеби е ова термин кој повеќето од вас ќе ве збуни, но секако е јасен исто како и оној оригиналниот – Обрезание на Исус Христос. Тое е еден од 12-те големи празници, и се слика по црковните канони после Благовештение и Раѓањето на Исус.

Според стариот еврејски обичај, машкото дете по раѓањето, на осмиот ден се носело во црква, каде се обрезувало при што потоа добивало име. Доколку не се случел овој адет Евреинот кoј не е обрезан се сметал за нечист и не можел да биде член на Еврејската заедница.

Но на 13-ти Јануари според Јулијански календар не е само Обрезанието Христово. Тоа е денот кога се слави православната Нова Година (т.е. Стара Нова година) и ден кој е посветен на Св. Василиј Велики.За ова славење се имам изјаснето во еден предходен текст.

Планиравме за Василица да одиме со брат ми во Вевчани, и на кратко да скокнеме до Милешево на локалниот карневал. Ама него го кутна current influenca и не ми се оди сама без некој поуздан етнолог. Бидејќи сигурна сум дека од сите етнолози на терен, тој ден брат ми ќе беше најтрезниот. Епа така требало изгледа да биде. Ќе си го изгледам Карневалот на телевизија (вчера имаше директен пренос на МС) , а вие ќе си пребарате на гугл нешто за читање.

Jan 06

Многу нелогичности постојат околу термините за празнување на некои традиционални празници во православниот свет. Следејќи ги постовите на Кибицер – “Грегоријански v.s. Јулијански календар“, и на Волан – ,,Крив ни е календарот“, решив и јас да се произнесам по повод ова прашање.

Во средновековното фрескосликарство исто како и во црковните канони, си постојат правила и редоследи како се сликаат некои икони и циклуси кои останале непроменети стотици години. Покрај другите, еден од највпечатливите циклуси е и оној на ,,12 Големи празници”. Тој почнува со: ,,Благовестие”, потоа со ,,Раѓање Христово”, ,,Сретение”, ,,Крштевање на Исус Христос”, итн…

Редоследот по кои се сликаат сцените е истиот оној кој е запишан во Новиот Завет. Чинам малку повеќе ни се изместиле репериве за прославување, зошто прво ја славиме Нова година кога Исус (веќе роден) го представиле на Симеон во храмот (т.н. Сретение т.е. Обрезување на Исус), за да неколку дена подоцна го славиме и официјално неговото Раѓање. Така да навистина нашето славење го гледам како крајно нелогично. И нецрковно.

И немојте оправдувања од типот дека ете ние ја славиме Василица или Стара Нова година, зошто на тој ден работат сите, за разлика од Новата година која е всушност верски, но преминал во повеќето држави во државен празник.

За воља на вистината, МПЦ уште во 1967 год. донела одлука да се напушти Јулијанскиот календар, но оваа одлука никогаш не стапила на сила. Црквата била паметна, па рекла дека научниот свет треба да го реши тоа, оградувајќи се мудро од било какви промени. Но, мислам дека е крајно време МПЦ да не чучи по страна и да го даде својот став.

Од друга страна пак, Бадник е пагански обичај инкорпориран да се слави во сврха на Бoжиќ, при што се пали Бадниково гранче, а палењето секако дека не спаѓа во христијанските обичаи. Пак нелогичности нели, ама Православната Црква ги прифатила за да може да си ги задржи верниците. Ако го прифатила тоа не гледам причина да не се прифати и славењето на Божиќ на 25-ти Декември.

Инаку горе-доле (со варијанти на тема) традиционално се знае редоследот на настаните пред Божиќ. Прво е палењето на огнови, па Коледарите, следниот ден е Бадниковата посна вечера, Кршењето на лепчето, Паѓање на паричката и Божиќ или Рождество Христово.

Што се однесува до терминот Божик или Божиќ, мислам дека секој има право да го нарекува како му е по воља, говор, како го научил додека бил мал, се додека не менува ништо во традиционалните обичаи. Бидејќи традицијата и обичаите се една од одликите кои не двојат од останатите етноси.

Затоа мои драги пријатели, блогери, читатели…

На сите вас Ви посакувам Радост, Љубов и Мир, Стрпливост и Спокојство, бидејќи

Христос се роди

Навистина се роди

Среќен Божиќ

Jan 05

Коледе леде
паднало греде
утепало деде
деде се мачи
баба го квачи
со четири јајца
гускини, шаткини.

Денес е Коледе,
утре е Божиќ
ќе колеме теле
теле вика леле
не колете мене
ќе ви купам зеље
да месите пита
да јадете сите.

Коледееееееееее…

Како и секоја година, за овој ден мојот ритуал е однапред одреден. Вечерва прво одам кај еден мој пријател на роденден, потоа одбираме место каде ќе се придружиме за палење на огновите, секое утро на 6 јануари сум ненаспана од поминатите коледари и потоа доаѓа мојот натопол ден во годината – Бадник.

А да ќе заборавев…одамна не месам пита со паричка дома. Ја купувам во Жито Лукс. Епа нели сум сајбер домаќинка на 21 век де… :))))

За многу години да се празнициве, нек се угодат :)