book

Feb 09

Во прилог на утрешната промоција на третата книга со поезија на мојата пријателка Вероника Костадинова, позната исто така и под никот Оксиморон., давам една моја мала симболична рецензија.

Она што мене најмногу ме бендисува во песните од поетската збирка ,,Полиглот на тишината” на Вероника, е како што вели и самиот наслов - емотивната интимност на внатрешните мисли, страста, напати еротичноста која произлегува од нив, навидум фатени во стегите на литературните форми.

Можеби ќе звучи невкусно (ама баш ми е галје :)))), но ќе направам споредба со мојата поезија. Додека мојата поезија е дескриптивна, поезијата на Вероника е метафорична. Произлегувајќи длабоко од нејзиното битие и прекршувајќи се низ граматичките форми, се преточува во облик достоен за нејзината интелектуалност.

Ненаметливо создадавајќи свет од естетика, како своевидна обсервација, може само навидум да ни се чини дека нејзината поезија е смирена, приземјена и прибрана. Наспроти тоа, читајќи ние ќе откриеме еден свет на личност која не само што е енергична и харизматична, туку во повеќето случаи е со благородно топла хуманост кон разбирањето на некои човечки категории. Во прв ред - љубовта.

Енигматскиот стил на повеќето од песните, според мене представува мала своевидна исповед на поетесата, на која сме и благодарни, што споделила со нас дел од интимниот внатрешен круг на мислите.

Критички рецензии на поезија обично не правам. Многу пати досега сум го кажала мислењето дека секоја поезија е убава. Посебно кога е вака лична и автентично произлегува од нејзиниот творец. Но овој пат направив исклучок, за една личност која мене ми е многу драга .

Бидејќи кога жена ќе остави ракопис на хартијата, верувајте тој скоро секогаш е оригинален.


Дополнување: Официјалната рецензија на збирката која е поместена во книгата, а ја направија Тамара и Томе Арсовски, може да се прочита на сајтот на Агора.